Што е ко-брендинг?

364

Ко-брендинг се дефинира како здружување на најмалку две компании, односно брендови, со цел да се создаде еден заеднички производ или услуга.

Тоа е еден вид на маркетинг стратегија, или стратешко партнерство каде секој член дава свој придонес во создавањето на заеднички бренд, преку уникатни логоа, препознатливи знаци и бои.

Мисијата на ко-брендингот е преку комбинирање на пазарната сила, свесноста за брендот и позитивните асоцијации на две или повеќе компании да придонесе за повеќе клиенти и поголем приход.

Ко-брендингот не е само име и асоцијација за некој бренд, тоа може да биде и споделување на технологии и знаења и капитализирање од уникатните предности на секој ко-брендинг партнер.

Токму затоа компаниите треба многу да внимаваат кога го одбираат својот партнер за оваа цел. Доколку изборот се покаже погрешен тоа може да доведе до ризик за обете страни.

Пример за успешен ко-брендинг е Nike+, партнерство на компаниите Nike и Apple, кое што вклучува технологија на следење на физичката активност преку iPhone апликации и Apple часовник, инкорпорирана во атлетската опрема на спортскиот гигант.

Фото: Pixabay