Што е консигнација?

4360

magacin-gajbi-pixabay

Фото: Pixabay

Под поимот консигнација се подразбира работа во којашто сопственикот (консигнант) испраќа одредена количина на производи на својот застапник или консигнатор во консигнациско складиште од каде што консигнаторот ја продава за сметка на консигнантот. Симплифицирано, консигнација претставува продажба во којашто трговецот продава туѓа стока за определен надоместок.

Консигнантот е сопственик на производите што се отстапуваат на консигнаторот за понатамошна продажба. Меѓусебните права и обврски ги регулираат со договор со којшто се утврдува количината, типот и останатите својства на производите наменети за продажба преку консигнација.

Консигнаторот е должен да ги продава производите што се предадени од страна на консигнантот. Тој, исто така, има обврска да му доставува извештај на сопственикот на стоката за реализираната продажба во точно утврден временски период. Доколку до утврдениот рок не ја продаде преостанатата стока, консигнаторот има обврска да ја врати на неговиот сопственик.

На барање на консигнаторот може да се врши дополнување на асортиманот и количината на стоката во консигнационото складиште, според порачките на консигнаторот.

Доколку станува збор за странска стока, таа по царинската постапка и под царински надзор привремено се сместува во складиштето, а му се предава на купувачот откако ќе се оцарини и се платат сите потребни давачки.

Предмет на консигнација најчесто се производи за широка потрошувачка со трајна вредност, како што се: автомобили, бела техника, опрема, резервни делови и слично. Посебно е погодна за извозниците бидејќи нивните производи физички се присутни на пазарот, па заинтересираните купувачи може веднаш да ги разгледаат и полесно да донесат одлука за купување.