Што е крипто валута?

17406

Крипто валута или позната како виртуелна или дигитална валута ја има само во електронска форма, не е издадена ниту е под контрола на некоја земја и централна банка.

Вообичаено, парите со коишто располагаме може да купуваме најразлични производи и услуги во готово или преку картичка. Тие имаат еднаква вредност и име (денар, евро, долар), а се под директна контрола на централната банка на земјата што ги издава. Од друга страна, крипто валутите функционираат како електронски записи за одредена вредност поставена на некоја интернет страница што обезбедува таква услуга.

Што е bitcoin?

Една од најпознатите крипто валути е bitcoin. Ова е назив за два термина, доколку е со мала буква – ја означува самата валута, а со голема буква е назив за информатичката мрежа преку којашто bitcoin може да функционира, односно го претставува системот за плаќање. Овој вид на пари, како и оние во традиционална форма, се користат како средство за размена на производи и услуги. Но, за разлика од “обичните“ пари, крипто валутите се шифрираат. Тоа се прави бидејќи секоја дигитална информација може лесно да се размножи, измени и многу едноставно да се манипулира со нејзе.

Што е blockchain?

Blockchain е сложена база на податоци, односно во себе ги содржи сите направени трансакции и ги дели податоците меѓу сите страни што учествуваат во системот базиран на Bitcoin протокол. Сè се чува во мрежата на серверот што се однесува како база на податоци, па секој сервер ги има сите податоци за трансакциите. Кај “обичните“ пари, конвенционалната мрежа е базирана на централизирана мрежа, каде главни учесници се авторитативни центри, како што се банки или државни агенции. Кај крипто валутите не постојат банки или државни агенции што стојат зад нив. Постојат одредени учесници во мрежата што се нарекуваат валидатори, чија задача е да ја проверуваат секоја трансакција и истата да ја одобрат или одбијат.

Како функционира овој систем?

Комплетната база на податоци на blockchain ги содржи сите трансакции што се извршени со овој вид на валута. Овој сложен систем може да се објасни на следниот начин: лицето А сака да испрати пари до лицето Б. Трансакцијата се испраќа во мрежата во облик на нов таканаречен блок. Блокот се дистрибуира на сите кои се на мрежата. Сите членови проверуваат дали трансакцијата е исправна. Потоа, блокот се додава во ланецот на сите останати блокови и станува транспарентен податок. На тој начин, парите се пренесуваат на лицето Б.

Крипто валута во Македонија

Народната банка на Република Македонија, преку соопштение минатата година, укажа на постојната законска регулатива поврзана со овој вид на трансакции, но и на високите ризици што ги носи инвестирањето, чувањето и разменувањето на оваа дигитална валута.

Согласно Законот за девизното работење, отворањето односно имањето сметки во странство е пропишано со посебна одлука донесена од Народната банка на Република Македонија. Резидентите (правни или физички лица) на Македонија не можат да отворат, односно да имаат сметка во странство, ниту да чуваат парични средства на тие сметки, освен под посебни услови, како на пример врз основа на регулиран престој во странство подолго од три месеци или добиена работна виза во странство, како и други услови пропишани во наведената одлука. Исто така, вложувањето на резидентите во хартии од вредност во странство, како и вложувањето во деривативни финансиски инструменти чија цена директно или индиректно зависи од цената на хартијата од вредност, странската валута, берзанскиот производ или висината на каматната стапка, не е дозволено, освен за одредени исклучоци пропишани во законот.

Оттука, купувањето, односно инвестирањето од страна на резидентите физички лица во дигитални (крипто) валути, според регулативата во Република Македонија, не е дозволено.

НБРМ укажува и на ризиците што настануваат при купување, чување или разменување на крипто валутите. Меѓу нив се: може да имате реална загуба на парите што сте ги вложиле; вашите дигитални пари може да бидат украдени; вредноста на дигиталните крипто валути може многу брзо да се намали, дури и да падне на нула и трансакциите поврзани со крипто валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари.