Што е неуромаркетинг?

361

Неуромаркетинг претставува посебна маркетинг дисциплина што го проучува мозокот и неговата поврзаност со донесување одлуки за купување.

Истражувањата на однесувањето на купувачот се спроведувале и порано, бидејќи на маркетарите од секогаш им било важно да откријат што се крие зад одлуките на потрошувачите. Но, во овој случај неуромаркетингот ја следи работата на мозокот на поединецот и кои центри во мозокот се активираат при купување.

Овој вид на маркетинг не е достапен за сите бидејќи за негова примена е неопходна опрема и многу пари. Мерење на активностите во мозокот е со помош на посебни методи и сензори што ја следат работата на сите органи во телото, како што е работа на срцето, брзина на дишењето и слично.

Па така, на одлуката за да се купи некој производ не влијае разумот, туку одредени човечки карактеристики како што се сигурност, задоволство, страв, желба и слично.

Неуромаркетингот има задача да ги разбере насоките по коишто се движи купувачот за да (не)купи некој производ. Вообичаено, на купувачот му се потребни четири секунди за да донесе одлука, од моментот кога ќе влезе во продавницата додека не одлучи кој производ го сака за себе.

Маркетинг аналитичарите ќе го користат неуромаркетингот за да можат многу прецизно да ги измерат преференциите на потрошувачите одошто да им го постават прашањето: дали ви се допаѓа овој производ. Овие информации би можеле да им помогнат при креирање на нивните производи и услуги за да бидат многу поприфатливи и поефикасни за купувачите.

Иако маркетингот верува во “задоволството на купувачите“, сепак истражувањата покажуваат дека дури и најзадоволните потрошувачи не создаваат големи профити за компаниите. Затоа, неуромаркетингот советува дека ако некој сака да допре до поголема база на потенцијални купувачи, треба да им даде вистинска причина да го изберат токму неговиот производ.

Фото: Pixabay