Пониската цена и бесплатната достава до дома се пресудни фактори за македонските граѓани да купуваат онлајн. Ова е дел од податоците на анкетниот прашалник што Асоцијацијата за е – трговија го спроведе на 2.800 македонски е – купувачи, напиша поранешната министерка за финансии и актуелна директорка на Асоцијацијата, Нина Ангеловска, на Facebook.
Од спроведениот анкетен прашалник на 2.800 македонски е-купувачи, како резултат на COVID-19:
- 37% го зголемиле обемот на купување онлајн
- 20% за првпат почнале да ги плаќаат сметките онлајн
- 17% започнале да користат владини услуги
- 76% се изјасниле дека со исто темпо ќе продолжат да купуваат онлајн
“Ковид-19 несомнено го забрза растот на е-трговијата на глобално ниво, некои земји за шест месеци го достигнаа проектираното ниво за 2022-2023 година. Поради рестриктивните мерки кои државите ги преземаа за затворање на економиите потрошувачите беа на некој начин принудени да ги променат навиките и да се свртат повеќе кон е-купување и е-услуги“, напиша Ангеловска.
Во моментот, како што напиша таа, се работи на анализа на развојот на е-трговијата, со посебен осврт на влијанието на COVID-19. Клучните сознанија од анализата ќе бидат презентирани на конференцијата 3rd Macedonian E-commerce Conference – E-commerce & Covid-19: Challenges and Opportunities.
“Позитивно е што структурата на купување е променета во полза на домашните е-трговци, односно Македонците повеќе купувале од домашни е-продавници. Најголем предизвик кој го посочиле е-трговците останува ниското ниво на дигитални вештини на населението“, рече Ангеловска.
Фото: Freepik