Што е регрутациски маркетинг?

223

Маркетинг за вработување, recruitment marketing или регрутациски маркетинг опфаќа стратегии и такти што ги користи компанијата за пронаоѓање, привлекување, ангажирање и градење однос со талентирани кандидати.

Главната улога на овој вид на маркетинг е да се поттикнат и мотивираат квалитетни кандидати да се пријават на отворена позиција за работа. Регрутацискиот маркетинг е дел од процесот на привлекување таленти, од коишто компаниите секогаш ќе зависат.

Менаџерите за човечки ресурси имаат тешка задача да направат вистински избор на вработени кои ќе бидат компатибилни со одговорностите и компетенциите што ги бара одредена работна позиција. Тие треба да развијат цела стратегија со чија помош ќе привлекуваат и вработуваат талентирани вработени. Но, нивната задача не завршува тука, бидејќи од нив ќе се бара и во континуитет да ги задржат вработените.

Ваквиот вид на маркетинг создава и посилен бренд за работодавачот. На сите им е јасно дека луѓето не се поврзуваат со компанијата, туку со брендот. Тие бараат некаква смисла за да се поврзат и да имаат чувство дека припаѓаат во заедницата.

Маркетингот за регрутирање во голема мера се покажува како ефикасна алатка што ги намалува трошоците за вработување. Тоа е така бидејќи не се губи време во потрага на совршен вработен од “морето“ невработени, туку се става фокус на оние профили на луѓе кои најмногу одговараат на потребите на компанијата.

Расте бројот на работодавачи кои се убедени дека мора да инвестираат во градење соодветна стратегија да регрутираат, но и задржат квалитетни кадри, бидејќи честото менување на вработени може да биде долготраен, “болен“ и скап процес за компанијата.

Фото: Pexels