Што е семеен буџет?

1352

budzet-pixabay

Фото: Pixabay

Буџетот по дефиниција претставува табеларен преглед на сите приливи и одливи, односно приходи и расходи во одреден временски период.

Како за државата, компаниите, институциите… така и за едно семејство е важно да има семеен буџет, како детален преглед на приливот и одливот на финансии. Ова е особено важно доколку во семејство се планирани поголеми финансиски активности, како што се: купување на дом и покуќнина, патување, праќање на студии на помладите членови во семејство и слично.

Потребни се само неколку лесни чекори за да може да се утврди приходната и расходната страна што ги прави едно семејство најчесто во текот на годината.

Пресметајте ги месечните приходи

На оваа страна ќе ги подредите сите приходи што ги остварувате во текот на месецот. Платата не мора да биде единствениот извор на приходи, туку и различни бонуси, дивиденди, приходи од кирии, авторски права… Доколку некој од овие приходи ги добивате на годишна основа, препорачливо е да се поделат на 12 за да го добиете месечниот износ.

Направете список на редовните месечни расходи

Добро размислете кои се вашите редовни трошоци, почнувајќи од сметките за вода, струја, парно, кирија, храна, облека и други режиски трошоци. Не ги изоставајте ниту ратите од кредитот, кредитната картичка или сметката за телефон. На расходната страна од семејниот буџет секогаш ќе има и некој дополнителен трошок поврзан со некој настан од секојдневниот живот – некоја прослава или нешто слично на тоа. За утврдување на трошоците може да се користат различни извори, како што е извод од сметката во банката, сметки за месечни трошоци, лична евиденција. Кој и да е изворот, важно е да се земат во предвид сите трошоци на дневна, месечна, квартална и годишна основа.

Приходи vs расходи

По деталниот преглед на приходите (приливите) и расходите (одливите) потребно е да се спротивстават овие две категории и да се добие одреден резултат: позитивен, негативен или нула.

Ако резултатот е позитивен, односно приходите ги надминуваат расходите, тоа значи дека семејниот буџет има простор и за одредено ниво на заштеда, којашто ако се акумулира може да помогне при покривање на некој непланиран трошок или задоволување одредена потреба на некој член од семејството.

Доколку приходите и расходите се со знак на равенство, во тој случај треба да размислите на која начин да ги намалите трошоците и во исто време да пронајдете и дополнителен извор на приходи, за да влезете во комфорната зона.

Во случај расходите да ги надминат приходите, тоа е знак дека живеете над своите можности и мора да пронајдете начин за намалување на трошоците, да ги зголемите приходите, на пример, да најдете дополнителна работа или да скратите некој непотребен трошок.