Германската влада вчера по руската инвазија на источните украински провинции го запре процесот за издавање дозвола за работа на гасоводот Северен тек 2. Проектот е готов, но чека употребна дозвола откако германските власти побараа промена во сопственичката структура на гасоводот.
Според законите на ЕУ, добавувачот не треба истовремено да биде сопственик на гасовод.
Голем дел од испораките на руски гас во Европа се канализираат преку цевководи што минуваат низ Украина, а некои датираат уште од советско време. Можноста да се заменат со директен извоз на гас во Германија преку Северен тек 2 би ѝ овозможила на Русија да води војна против Украина без да се грижи за транзитот низ таа земја.
„Мораме веднаш да го прекинеме овој проект. Тоа отсекогаш било нашиот став и ништо не е променето во врска со тоа“, рече министерот за земјоделство од Партијата на зелените Џем Оездемир во интервју за јавниот сервис Deutschlandfunk.
Германија е многу зависна од рускиот гас
Една од клучните причини зошто Германија се најде во ситуација на значителна зависност од Русија е 20 години старата одлука за постепено укинување на нуклеарните централи и поновата одлука постепено да се намали зависноста од јаглен за намалување на емисиите на ЦО2.
Со овие одлуки и интензивирањето на работата на обновливите извори, германските власти ги исполнија амбициозните барања на германските Зелени, кои се партнери во владата, но и барањата од климатскиот договор КОП26.
Сепак, важна улога одигра и потребата Германија да се позиционира како еден од лидерите во развојот на обновливите технологии. Германското гаснење на нуклеарните централи и откажувањето од јагленот значи дека земјата сега мора повеќе да се потпира на рускиот гас од повеќето нејзини соседи.
Природниот гас во моментов покрива околу 25% од вкупната потрошувачка на енергија во Германија, а тоа дополнително ќе се зголеми како што земјата ги затвора нуклеарните централи и електраните на јаглен. Додека се соочува со една од највисоките цени на енергија во развиениот свет, Германија продолжува да инсистира на затворање на последните три нуклеарни централи оваа година.
Во исто време, планот е сите германски електрани на јаглен да бидат затворени до 2038 година.
Германија нема ниту еден ЛНГ-терминал
Еден од проблемите на Германија е и преголемото потпирање на еден извор на гас. Имено, бидејќи со децении сигурно пристигнуваше евтин гас од Русија, ниту една германска влада не изгради инфраструктура за увоз на нешто поскапиот течен природен гас (ЛНГ) од големите извозници како САД или Катар.
Катар кон крајот на јануари објави дека може да пренасочи дел од својот гас во ЕУ за да ги ублажи проблемите со снабдувањето доколку Русија ја нападне Украина, а ЕУ и САД да ѝ возвратат на Москва со санкции. Но тој вишок не е доволен бидејќи најголем дел од гасот на Катар е резервиран за испораки договорени со долгорочни спогодби. Покрај тоа, Катар сака гаранции од ЕУ дека земјите-членки нема да го пренасочат евентуалниот вишок течен природен гас надвор од границите на Унијата.
Сите овие фактори ја направија Германија најголемиот купувач на руски гас во светот. Повеќе од половина од нејзиниот увоз доаѓа од Русија, додека просекот во ЕУ е околу 40%.
Северен тек 2 требаше да го удвои количеството на гасот
Затворањето на преостанатите нуклеарни централи и намалувањето на уделот на јагленот во производството на енергија подразбираат дека проблематичната зависност на Германија само ќе се зголемува во блиска иднина.
Гасоводот Северен тек 2, кој беше завршен минатата година и чека официјално одобрение од германските регулатори, би го удвоил капацитетот за снабдување на Германија со руски гас, кој во моментов минува низ 10 години стариот Северен тек 1 на истата траса.
Зависноста на Германија и на Европа од рускиот гас ѝ овозможи на Русија да ја искористи ситуацијата за своите геополитички цели во Украина и другите земји што беа дел од СССР и Варшавскиот пакт пред падот на Берлинскиот ѕид. Москва покажа дека особено ѝ е важно да се намали присуството на НАТО во близина на границите на Русија.
Германските власти пресметаа дека Русија е доверлив партнер во снабдувањето со гас, бидејќи Москва претходно не го користеше за политички притисоци врз Берлин, иако тоа го правеше во некои источноевропски земји.
Но, Германија тука згреши. Меѓународната агенција за енергија (IEA) неодамна објави дека Русија е во голема мера одговорна за недостигот од гас во Европа и дека Газпром, рускиот државен извозник на гас, го намалил извозот во Европа. Кремљ негира дека го користи гасот како геополитичко оружје и тврди дека ги исполнува сите свои договорени обврски, пишува Индекс хр.
Зошто не е спорен Северен тек 1?
Северен тек 2 е во центарот на вниманието, но ретко се слуша нешто за постариот гасовод Северен тек 1, кој минува низ Балтичко Море меѓу Русија и Германија. Тој веќе десет години сигурно испорачува гас во Западна Европа.
Северен тек 2 од самиот почеток е геополитички проект на Кремљ. Ова не може да се каже за првиот гасовод низ Балтичко Море. Москва многу лесно би можела да го злоупотреби за свои политички цели, но тој првично беше замислен како начин за испорака на руски гас во Европа и како снабдувач на девизи за Газпром. Тоа останува и до денес, десет години по отворањето: функционален деловен проект. Затоа за него толку малку се зборува.
Фото: Facebook