Што е трасант?

Фото: Pixabay

Трасант е налогодавач или издавач на меницата. Тој е практично дел од персоналните елементи на една меница. Покрај трасантот, системот го сочинуваат и трасат, лицето кое треба да го плати меничниот износ на пари и ремитентот, лицето на кое или по чија наредба треба да се исплати меничниот паричен износ.

Според Законот за меница, трасантот одговара дека меницата ќе биде акцептирана и исплатена. Трасантот може да се ослободи од одговорноста за акцепт, но не може да се ослободи од одговорноста за исплата. Секоја одредба со која трасантот се ослободува од одговорноста за исплата не произведува правно дејство.

Трасантот може да забрани меницата да се поднесе на акцептирање, освен во случаите кога :

– трасираната меница е платива кај трето лице;

– трасираната меница е платива во место надвор од местото во кое живее или престојува трасатот

-трасираната меница е на одредено време по видување.

Според Законот, трасантот може да нареди меницата да не се поднесува на акцептирање пред одреденото време. Секој индосант може да нареди трасираната меница да се поднесе на акцептирање, притоа може да утврди рок за тоа или не, освен во случај кога трасантот во меницата забранил поднесување на акцептирање.