Што е управен, а што надзорен одбор?

3228

Управниот одбор претставува орган на управување во големи компании. Секој член на седниците на одборот може да изнесе свое мислење, забелешки или сугестии, но сите одлуки Управниот одбор ги носи по пат на гласање.

Според Законот за трговски друштва, во Управниот одбор има најмалку три, а најмногу 11 членови. Компаниите коишто имаат основна главнина што е помала од 150.000 евра, наместо управен одбор може да избере управител, со сите права и обврски што ги има управниот одбор. Со одлуката за избор на членовите на управниот одбор, еден од членовите на овој одбор се именува за негов претседател. Ниту едно лице во исто време не може да биде член и на управен и на надзорен одбор.

Надзорниот одбор е еден од клучните органи на една компанија. Негова главна цел е да ја надгледува работата на членовите на управата на компанијата и се грижи за постигнување на поставените задачи на долг рок.

Надзорниот одбор може да врши увид и да ги проверува книгите и документите на компанијата, како и имотот, благајната на компанијата и хартиите од вредност. Овој одбор за вршење одделни стручни работи може да задолжи одделни членови на одборот, овластен ревизор или други стручни лица.

Претседателот на надзорниот одбор ги свикува седниците и претседава со нив, а одговорен е за водење на евиденција на состаноците и организирање на други начини на работа и на одлучување на надзорниот одбор.

Исто така, надзорниот одбор врши надзор врз управување со друштвото што го врши управниот одбор. Надзорниот одбор има задача да одржи најмалку четири редовни состаноци, а еден од нив задолжително се одржува во рок од еден месец пред да се одржи годишното собрание на акционери.

Фото: Pixabay