Што ја спречува Бугарија да го воведе еврото и по 17 години во ЕУ?

53

Софија изрази надеж дека би можела да се приклучи на валутната зона на ЕУ во средината на следната година, но мора да исполни строги економски критериуми.
Бугарија не може да влезе во еврозоната поради високата инфлација, се вели во извештајот на Европската централна банка во средата. Софија се обидува да стане 21-ва членка на валутната зона, и покрај загриженоста дека може да го влоши растот на цените во балканската земја,  пренесува Бизлајф.

„Земјите членки на Европската унија надвор од еврозоната постигнаа ограничен напредок во економската конвергенција со еврозоната од 2022 година“, се наведува во соопштението на ЕЦБ.

Цените во Бугарија растат со годишна стапка од 5,1 отсто, што е за 1,8 процентни поени повеќе отколку што би требало да бидат за да се приклучат на валутната унија, соопшти ЕЦБ – иако додаде дека инфлацијата најверојатно „постапно ќе се намалува во следните месеци“.

Бугарскиот премиер Димитар Главчев на прес-конференција ги коментираше овие податоци и рече дека ќе побара дополнителна проценка од властите на ЕУ кога земјата ќе ги исполни сите критериуми за еврото.

Земјите не влегуваат автоматски во еврозоната кога ќе станат членки на ЕУ – но се очекува да го сторат тоа штом ќе се приближат до правните и економските норми, вклучувајќи стабилни девизни курсеви и здрави јавни финансии. Исклучок се само Шведска и Данска, кои преговараа за политички и правни исклучувања и ги задржаа своите национални валути.

Политички немири во Бугарија
Бугарскиот заменик-министер за финансии Методи Методиев на 4 јуни изрази надеж дека Бугарија би можела да се приклучи на еврозоната во средината на 2025 година, бидејќи помеките економски услови ќе и овозможат да побара дополнителна проценка од ЕУ.

Но, само неколку дена подоцна, земјата беше втурната во политички превирања со националните и европските избори на кои екстремната десница силно се претстави.

Проруската, ултранационалистичка партија Вазраждана освои околу 14 отсто од гласовите и три од 17-те пратеници во Европскиот парламент, откако изјави дека еврото ќе ја уништи бугарската економија. Партијата ГЕРБ предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов сега ќе има потреба од најмалку двајца партнери за да формира владејачка коалиција.

Според истражувањето на Евробарометар, само 49 отсто од бугарските граѓани се за влез во еврозоната, а 64 отсто од населението верува дека тоа дополнително ќе ги зголеми цените.