Што повеќе користиме – кредитни или дебитни картички?

106

Во земјава циркулираат вкупно 2.107.413 картички, независно од бројот на функции што ги има картичката.

Заклучно септември минатата година, во Македонија имало 2.096.605 картички со функција за повлекување и депонирање на готовина, од кои на физички лица отпаѓаат 2.057.177 картички, а остатокот од 39.428 се на правни лица. Во однос на брендовите што се најзастапени кај овие картички, први се оние на Visa со 1.144.353, па MasterCard со 887.137 картички, а од останатите брендови, како што се American Express, Diners…, има 65.079 картички, покажуваат податоците на Народна банка.

Во земјава има вкупно 2.072.939 картички со платежна функција, на крајот на септември лани. Од нив, 1.707.028 картички се со дебитна функција, а помалиот број од 365.911 имаат кредитна функција. Кај физичките лица, картичките со дебитна функција почесто се користат (1.675.954), за разлика од оние со кредитна функција (356.989). правните лица, согласно податоците на Народна банка, на крајот на септември лани користеле 30.074 платежни картички со дебитна и 8.922 картички со кредитна функција.

Дебитната картичка е картичка што банката му ја издава на сопственикот на тековна или девизна сметка за да може да располага на своите средства без оглед на работното време на банката. Со дебитната картичка клиентот може да подигне готовина на банкомат, но и да плати за одреден производ или услуга. Од таа причина, дебитните картички претставуваат безготовинско средство за плаќање.

Една од главните предности на дебитната картичка е тоа што е поедноставно да се плати со картичка, одошто да се носи готовина во паричникот. Овој вид на безготовинско плаќање е брз и безбеден начин на плаќање без обврски или камата.

Кредитната картичка, иако има иста форма како и дебитната, функционира на поинаков начин. Во текот на пресметковниот период, најчесто на месечна основа, клиентот позајмува пари од банката и плаќа со нејзини пари, а на крајот на месецот потребно е да се покрие позајмениот износ со утврдена каматна стапка.

Овој вид на картички функционираат како кредитна линија. Банката на својот клиент му одобрува лимит на износ којшто може да се потроши со користењето на кредитната картичка. Потоа, клиентот може да ја користи картичката за да плаќа или да подигнува готовина од банкомат, до дозволениот лимит.

Фото: Pexels