Дебитни VS кредитни картички

985

kreditni-karticki-1234

Во секој паричник се “крие“ барем по една пластична картичка, којашто има моќ да купи тоа што ни е неопходно. Секако, станува збор за дебитна или кредитна картичка издадена од некоја банка во земјата. За да може правилно и разумно да ги користиме парите што ни стојат на располагање, потребно е да направиме разлика меѓу дебитна и кредитна картичка.

Дебитна картичка

kreditni-karticki-12

Дебитната картичка е картичка што банката му ја издава на сопственикот на тековна или девизна сметка за да може да располага на своите средства без оглед на работното време на банката. Со дебитната картичка клиентот може да подигне готовина на банкомат, но и да плати за одреден производ или услуга. Од таа причина, дебитните картички претставуваат безготовинско средство за плаќање.

Една од главните предности на дебитната картичка е тоа што е поедноставно да се плати со картичка, одошто да се носи готовина во паричникот. Овој вид на безготовинско плаќање е брз и безбеден начин на плаќање без обврски или камата.

Секоја дебитна картичка има свој ПИН код, што претставува број за идентификација. Доколку имате потреба од готовина што треба да ја извадите од банкомат или треба да извршите плаќање во омилената продавница, ќе треба да го внесете овој четирицифрен верификациски број.

Секоја банка, којашто издава дебитни картички, независно го одредува дневниот лимит на износ што може да се повлече од банкомат.

Кредитна картичка

kreditni-karticki

Кредитната картичка, иако има иста форма како и дебитната, функционира на поинаков начин. Во текот на пресметковниот период, најчесто на месечна основа, клиентот позајмува пари од банката и плаќа со нејзини пари, а на крајот на месецот потребно е да се покрие позајмениот износ со утврдена каматна стапка.

Овој вид на картички функционираат како кредитна линија. Банката на својот клиент му одобрува лимит на износ којшто може да се потроши со користењето на кредитната картичка. Потоа, клиентот може да ја користи картичката за да плаќа или да подигнува готовина од банкомат, до дозволениот лимит.

Предност на оваа картичка е што корисникот има на располагање износ на пари што не е лично негов, но му стои и на располагање и може да покрие неговите тековни потреби.

Дебитните и кредитните картички во Македонија

kreditni-karticki-vo-paricnik

Жителите на Македонија не се изолирани кога станува збор за редовната употреба на дебитни и кредитни картички. Официјалните податоци на Народната банка на Република Македонија, заклучно со 30-ти септември, покажуваат дека Мастеркард картички имале 636.328 физички и правни лица, додека сопственици на Виза картички се 1.107.714 клиенти на банката.

Најголем дел од картичките издадени од банките во Македонија се со дебитна функција. Вкупно 1.401.600 дебитни картички се во рацете на физичките лица, додека кај правните таа бројка е 16.371.

Кога станува збор за кредитните картички, во истиот период, 369.933 картички се издадени на физички, додека 9.712 на правни лица.