Што претставува бонитет на фирма?

5048

1

Бонитетот на една фирма претставува оценка за настапување на несолвентност (долгорочна неликвидност) на компанијата во иднина. Оценката се темели на сеопфатна анализа на завршната сметка и состојбата што владее во фирмата.

Утврдениот бонитет се однесува и на оценката на економскиот субјект во предвидениот рок да ги сервисира достасаните обврски. Предмет на оценка на бонитет може да бидат фирма, осигурителна компанија, банки, различни видови на организации и државата.

Најширокиот опфат на бонитетот се однесува на оценката на потенцијалите на компанијата. Се тргнува од анализа на завршната сметка и со користење на посебни показатели се настојува да се откријат слабите и силните страни на компанијата. Најважни параметри што се земаат во предвид се: рентабилноста на вкупните инвестиции, уделот на сопствениот во вкупниот капитал, стапката на поврат на капиталот и факторот на задолженост. Показателите се засноваат на концептот на cash flow, бидејќи оваа големина ја одржува способноста на фирмата за самофинансирање на инвестициите, навремено подмирување на долговите, создавање и зголемување на ликвидните резерви и распределба на добивката.

2

Во оценката се инкорпорираат и аспектите за движењето на компанијата во иднина. Таа треба да ја одреди целта на компанијата кон купувачите, пазарната позиција, флексибилниот менаџмент и иновативноста. Врз основа на степенот на прилагодливост кон екстерни и интерни фактори се носи и квалитативната оценка за кредитниот рејтинг на компанијата.

За проверка на бонитетот на трговски друштва во Македонија може да се искористи Регистарот на годишни сметки на Централниот регистар на Македонија. Овој Регистар претставува единствена централна електронска информативна база во Македонија, во којашто се евидентираат, прибираат, кумулираат и чуваат сите релевантни финансиски податоци и показатели за работењето, финансиската и економската способност на сите правни субјекти во државата кои даваат приказ за деловниот резултат и финансиската состојба на субјектите (средства, капитал и обврски).

Врз основа на обработените податоци, заинтересираните субјекти може да добијат глобална информација за остварените финансиски резултати за група на субјекти и индивидуално за пооделен субјект (за деловен партнер).

Информација за економската финансиска состојба на субјектот се изготвува врз основа на податоците од годишните сметки, односно сметководствените искази: Биланс на состојбата и Биланс на успехот во форма на извештај со оценка на показателите за финансиската стабилност (финансиска сигурност, степен на самофинансирање и кредитна способност), показатели за ликвидноста (општа и тековна ликвидност) и деловната успешност (работење со добивка или загуба), степенот на акумулативна и репродуктивна способност и профитабилност во работењето и дава толкување на показателите. Информацијата за економската финансиска состојба на субјектот содржи и податоци за извршената економско – финансиска ревизија.

Фото: Pixabay