Што претставува кредитен рејтинг на една држава?

144

rejting-1

Фото: Pixabay

Кредитниот рејтинг на една држава претставува проценка на способноста и подготвеноста властите во земјата навремено и во целост да го сервисираат долгот.

Фактори за оценка на кредитниот рејтинг

При детерминирање на кредитниот рејтинг на една држава, предвид се земаат неколку важни фактори:

  • Национален приход по глава жител: Колку е поголема даночната база на земјата што е потенцијален должник, толку е поголема можноста од враќање на долгот. Оваа варијабла може да послужи како показател за нивото на политичка и општествена стабилност во земјата.
  • Раст на бруто домашниот производ (БДП): Релативно високото ниво на економски раст укажува на фактот дека отплатата на долгот ќе биде олеснета со текот на времето.
  • Стапка на инфлација: Високата ценовна нестабилност укажува на структурните проблеми во јавните финансии. Општото незадоволство од инфлацијата може да предизвика подлабока криза.
  • Фискална рамнотежа: Високиот буџетски дефицит го апсорбира приватното штедење и укажува дека владата нема доволно способност или желба за оданочување на граѓаните и зголемување на приходите за финансирање на сè што е од јавен интерес.
  • Надворешен долг: Со зголемување на надворешното задолжување расте ризикот од неисполнување на обврските.
  • Економски развој: Иако нивото на економски развој се мери преку националниот доход по глава жител, во оценката на кредитниот рејтинг се анализира и односот на економскиот развој и потенцијалните ризици.
  • Историја на исплата на обврските: Државите кои порано несоодветно ги подмирувале обврските се сметаат за земји со повисок ризик.

Агенции за кредитен рејтинг

Оценката ја прават специјализирани агенции за кредитен рејтинг. Во светот постојат над 60 агенции од ваков вид, но највлијателни се: Standard & Poor’s, Fitch и Moody’s. Овие најпознати агенции се од САД и поради пазарната превласт често пати се нарекуваат “Три американски сестри“. Нивните оценки се од голема важност за државата, компаниите и останатите институции коишто учествуваат на пазарот на капитал.

Standard & Poor’s, Fitch и Moody’s издаваат кредитен рејтинг, користејќи различни симболи за утврдување на кредитниот ризик. Секој симбол од една агенција има еквивалент од другите агенции. Изгледите, односно оцените, на овие агенции се поделени во неколку групи: позитивен, стабилен или негативен и ја одразуваат можноста за промена на финансиските и другите економски трендови на краток рок, вообичаено до три месеци.

Утврдените рејтинзи на агенцијата се поделени во два сегмента: инвестициски и шпекулативен. Рејтингот на долг рок на Standard & Poor’s и Fitch се движат од ’ААА’ до ’АА’, потоа до ’БББ’, за да завршат со Д. Сите овие категории се квалификувани со предзнак плус или минус.

Рејтинзите на агенцијата Moody’s се движат од ’Ааа’ до ’Аа’, потоа ’Баа’, завршувајќи со ’Ц’. Освен категориите ’Ааа’, ’Ца’ и ’Ц’, сите останати категории имаат бројки од еден до три.

rejting

Фото: Screen shot Wikipedia

Целта на кредитниот рејтинг

Кредитниот рејтинг може да се третира како појдовна точка за создавање на добра инвестициона клима и показател којшто секој институционален инвеститори може да го користи при донесување на одлука за инвестирање во одредена земја. Главната цел на кредитниот рејтинг е проценка на способноста на државата да го отплати долгот.