Што претставуваат парите?

1310

evra-pixabay

Фото: Pixabay

Парите го вртат светот… изрека што многу често може да се сретне. Што претставуваат парите, кога почнале да се употребуваат и какви функции извршуваат?

Историја на парите

Парите претставуваат економско добро што служи за размена на материјални добра и услуги меѓу учесниците во трговскиот промет. Долгата историја на парите започнува со трампа. Таа се користела во раните периоди на цивилизацијата, кога не постоеле вистински пари, па се разменувала стока за стока. Вредноста на производите и квантитативниот сооднос на производите во размената не била објективно детерминирана, туку е водена од корисноста на производите за индивидуите кои учествувале во размената. На пример, една овча кожа се разменувала за 20 килограми пченица. Во долгата историја на развојот на парите,златото како благороден метал има значајна улога во трговската размена. Меѓу главни причини за тоа е тоа што и во мали количини овој метал има голема вредност, лесно се пренесува, може да се подели на помали парчиња и едноставно се препознава.

Првите книжни пари

Златарите во Лондон, своевремено, уживале голем углед во општеството. Поради безбедносни причини, многу луѓе решавале своите златни предмети да ги чуваат кај златарите, кои како доказ им давале сертификати. Луѓето почнале да ги користат сертификатите и да плаќаат со нив. Подоцна оваа функција на лондонските златари ја презеле банките коишто издавале потврди, односно банкноти коишто се директни претходници на денешните книжни пари.

Основни функции на книжните пари

Парите имаат три основни функции: средство за размена, мерка за вредност и средство што ја зачувува вредноста.

Парите претставуваат посредник во трговската размена. Со нивна помош, корисникот може да дојде до производот или услугата што ја посакува без некој посебен проблем.

Парите претставуваат мерка за вредност на секој производ или услуга. Секој производ својата вредност ја изразува преку пари. На пример, еден телевизор чини 10.000 денари или еден автомобил 1.000.000 денари.

Со помош на парите, луѓето имаат можност да транформираат еден облик на капитал во друг. Доколку некој располага со 100.000 денари, многу лесно овие ликвидни средства може да ги искористи да купи некаков реален имот или хартии од вредност. По извесно време, истите може повторно да ги трансформира во готовина.

Вредност на парите

Книжните пари, за разлика од златото, имаат минимална сопствена вредност што произлегува од трошоците за нивна изработка. Но, важна вредност на парите е таканаречената функционална вредност. Таа произлегува од фактот што парите се законско средство за плаќање и со нив може да се купат најразлични производи или услуги. Вредноста на книжните пари зависи од количината на производи и услуги што може да се купи со нив.

Парите имаат своја вредност на домашниот, но и на меѓународни пазари. На домашен пазар тоа може да се согледа доколку се цитира вредноста на не кој производ или обратно. На пример, еден мобилен телефон чини 10.000 денари и 10.000 денари вредат колку еден мобилен телефон. Интервалутарна е вредност што ја имаат парите на меѓународни пазари. Таа вредност се однесува на количината на странски пари што може да се купат со една или сто домашни пари. Со 100 денари може да купиме 1,6 евра или 100 денари вредат колку 1,6 евра.