Фото: Pexels
Обврски за кредитирање претставуваат неформални или формални договори со кои банката ветува или се обврзува дека во рамките на определен временски период, ќе одобри кредит по барање на клиентот. Бидејќи претставуваат можна кредитна изложеност во иднина (која не мора да се оствари), обврските за кредитирање се евидентираат надвор од билансот на состојбата, односно спаѓаат во групата на вонбилансни ставки.
Обврските за кредитирање може да се јават во форма на формален или неформален договор меѓу банката и нејзиниот клиент. Ако се работи за неформален договор, банката не е обврзана да го исполни ветувањето, т.е. може во секое време да се повлече и тоа без посебно објаснување.
Но, ако станува збор за формален договор, тогаш банката мора да му одобри кредит на клиентот, тогаш кога тој ќе побара, односно не може еднострано да го раскине договорот. Всушност, кај формалните договори однапред се пропишуваат условите под кои банката може да го раскине договорот (на пример, значително влошување на финансиската положба на клиентот). Обврските за кредитирање се однесуваат на кредитните линии и обновливите кредити кои банките им ги одобруваат на претпријатијата и на населението.
На пример, голем дел од кредитите за обртни средства се одобруваат во вид на рамковни кредити. Исто така, во оваа група спаѓаат кредитни картички и дозволените пречекорувања на тековните сметки. Меѓутоа, во групата на вонбилансни активности спаѓаат само неискористените кредитни линии, додека искористените износи претставуваат одобрени кредити. На пример, ако некој човек на својата тековна сметка има дозволено пречекорување од 30.000 денари, тоа значи дека тој има право да повлече кредит од банката во износ до 30.000 денари.
Овде станува збор за неотповиклива обврска за кредитирање, зашто во нормални околности банката мора да го кредитира клиентот, т.е. не смее да го спречи да ги повлече парите, тогаш кога тој ќе посака. Ако човекот искористил 20.000 денари од дозволеното пречекорување на тековната сметка, тоа значи дека банката му одобрила кредит во наведениот износ.
Остатокот од 10.000 денари претставува условна кредитна изложеност на банката, зашто клиентот може, но не мора да ги повлече парите.