Што треба да знаете кога купувате онлајн?

24

online-shoping

Фото: Pixabay

Онлајн купувањето и продажбата сè повеќе стануваат дел од секојдневниот живот. Според најновите истражувања, девет од десет анкетирани потрошувачи од осум земји во светот купуваат преку интернет, додека 92% веруваат дека ќе продолжат да купуваат онлајн.

Купувањето преку веб портали носи едно ново искуство за потрошувачите од целиот свет, но како и во реалноста, така и при онлајн шопингот треба да бидете внимателни кога се одлучувате да ги дадете вашите пари и податоци.

Основната предност на купувањето преку интернет е тоа што можете да купувате било кое време и на било која локација со само еден клик. Онлајн продавниците се отворени 24 часа, седум дена во неделата, нудат богата понуда и испорака до адресата што ќе ја доставите.

Сепак, обиди да се злоупотреби електронското плаќање постојат и како што одминува времето, ќе стануваат се пософистицирани.

Компаниите постојано ги унапредуваат своите системи за сигурност на картичките, но и секој корисник индивидуално треба да води сметка при онлајн купување.

Еве неколку совети што ќе ви помогнат да избегнете злоупотреба.

Купувајте само од проверени продавници на коишто им верувате. Бидете внимателни кога посетувате непознати веб страни чии понуди изгледаат премногу добри да бидат вистинити.

Пред да се одлучите да купите нешто, споредете ги цените и производите за да ја пронајдете понудата што најмногу ви одговара. Ако прв пат посетувате некоја страна, прво проверете ги коментарите на корисниците.

Проверете дали веб страната е легитимна, односно проверете го нејзиниот URL пред да ги дадете своите податоци за плаќањето. Адресата треба да почнува со https://, буквата s на крајот на стандардниот http потврдува дека веб страната е сигурна.

Бидете внимателни со бесплатните понуди:

Проверете дали сте ги прочитале и разбрале условите пред да купите нешто.  

Особено внимавајте на малите букви и на сите полиња пред плаќањето.

Грешките пред пополнување на полињата можат да ве обврзат да се придржувате до одредени услови.

Проверете ги извештаите за месечните трошоци и ако открите нешто необично, контактирајте ја банката што ви ја издала картичката.

Заштитата ви е секогаш потребна. Антивирусните програми нека ви бидат постојано ажурирани. Не кликнувајте на pop up прозорчиња и секогаш користете сложени лозинки.