Шуштершич: НЛБ треба да се продаде

27

Словенија треба да го продаде својот удел во најголемата словенечка банка, Нова љубљанска банка (НЛБ). Државата, како најголем сопственик на НЛБ, нема 350 милиони евра, колку што е потребно за нејзина нова докапитализација, изјави словенечкиот министер за финансии, Јанез Шуштершич.

Тој смета дека стратегијата на задржување 25% од акциите плус една се покажа како пречка во пронаоѓањето можни купувачи, пренесува словенечката агенција СТА.

Одборот на акционери на НЛБ идниот месец веројатно ќе расправа и за докапитализација, но рокот за нејзино спроведување не е одреден, рече Шуштершич. Како услов да се најде инвеститор за НЛБ, министерот го спомена отстранувањето на блокадата која би можела да се појави поради барањата за спроведување референдум за законот за санација на банки. За уставноста на овој референдум, на барање на владата, ќе одлучува уставниот суд. Во случај референдумот да биде одобрен и предложениот владин закон за санација на банките на падне, словенечката централна банка би морала да воведе принудна управа во НЛБ и да нареди задолжителна продажба на нејзините акции, со што нејзината вредност значително би опаднала, објаснува Шуштершич.

Со последната докапитализација на НЛБ по пат на таканаречени хибридни акции во висина од 380 милиони евра, државата во јуни го зголеми својот сопственички удел на околу 60%, додека сопственичкиот удел на белгиската банкарско – осигурителна група KBC, која не учествуваше во докапитализацијата, е намален на сегашните 22%, од 34%.