Швајцарија ја поддржува Македонија со 69 милиони евра

27

a2

Амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер ја претстави новата Стратегија за соработка со Македонија за периодот од 2017 до 2020 година. Швајцарија ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Македонија од 1992 година. Новата стратегија има за цел да продолжи со оваа поддршка во следните четири години преку практичен пристап фокусиран на резултати.

“Драго ми е што Швајцарија ја поддржува Македонија во последните 25 години. Постигнавме многу и подготвени сме да ја продолжиме поддршката кон Македонија, овозможувајќи развој на одговорни институции, создавање на инклузивни работни места, подобрување на квалитетот на јавната инфраструктура и заштита на животната средина“, изјави швајцарската амбасадорка. Таа додаде дека Швајцарија е меѓу најголемите билатерални партнери за соработка на Македонија и е посветена на понатамошно унапредување на односите со Македонија преку продлабочување на дипломатските и развојните активности во државата.

Новата швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020 предвидува финансиски средства од 69 милиони  евра. Главната цел е да ја поддржи Македонија во процесот на реформите и во исполнувањето на европските стандарди, како и да изгради социјално инклузивна демократија и пазарна економија, истовремено обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси.

Трите приоритетни области во Швајцарското портфолио се демократско владеење на централно и локално ниво, одржлив економски раст и вработување за младите и други социјално исклучени групи, како и ефикасно управување со природните ресурси и еднаков пристап до квалитетни јавни услуги.

“Особено внимание ќе им посветиме на  потребите на најранливите  групи на граѓани во Македонија, затоа што нема вистински просперитетно општество коешто не е инклузивно“, изјави амбасадорката Сутер.

Дел од очекуваните резултати од новата стратегија се поголема транспарентност и отчетност на локалната власт, креирање на 4.400 нови работни места, како и пристап до менаџирањето на водните ресурси за дополнителни 115.000 жители.