Швајцарски експерти за унапредување на енергетската ефикасност во Македонија

25

foto_2

Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Александар Дуковски и директорката на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Розанди Лоу, потпишаа меморандум за соработка за ефикасна, континуирана и координирана соработка помеѓу ИМЕ програмата и Агенцијата за енергетика во областа на енергетската ефикасност. Меморандумот се однесува на координација на активностите за развој на модел за нудење на енергетски услуги во Македонија и потребните законски измени за операционализација на тој модел.

“Се надевам дека швајцарските искуства во енергетската ефикасност ќе помогнат во развојот на овој сектор во Македонија. Програмата за зголемување на пазарната вработливост веќе направи анализа на секторот, како и на можностите за развој во оваа област, а веќе отпочнавме и конкретни активности за подобрување на енергетската активност во хотелиерството. Со овој меморандум ќе се продлабочи нашата соработка со Агенцијата за енергетика како клучен фактор за развој на овој сектор“, изјави Розанди Лоу, програмски директор на ИМЕ.

Соработката меѓу ИМЕ програмата и Агенцијата за енергетика вклучува стручна помош за изработка на анализа за енергетски услуги во јавниот сектор и потенцијалите за давателите на енергетски услуги, развој на модели за тендерски постапки за енергетските услуги, поддршка за промена на законодавството за имплементација на овие модели, како и промоција на добрите практики за тендерските постапки за енергетските услуги.

Според директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Александар Дуковски агенцијата се фокусира на зголемена соработка со чинителите во енергетскиот сектор, како во Република Македонија така и надвор од неа.

“Со потпишување на овој меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за енергетика на Република Македонија и Програмата за зголемување на пазарната вработливост се продлабочува веќе добрата соработката помеѓу нас и очекуваме дека наскоро ќе има видливи резултати во реална имплементација на мерки за енергетска ефикасност од страна на компании кои ќе работат според моделот за нудење на услуги за подобрување на енергетската ефикасност во секторите каде енергетската интензивност е најголема“, рече Александар Дуковски.