На железничките пруги во Швајцарија се поставуваат соларни панели. Станува збор за иновација на швајцарската стартап-компанија Sun Ways, која има цел да ја забрза енергетската транзиција на Европа.
Фирмата, со помош на швајцарскиот Сојузен технолошки институт во Лозана, го патентирала составот на овие соларни панели. Бил осмислен и воз кој ги поставува фотонапонските панели додека вози на пругата. Овој воз користи посебен механизам за поставување на панелите со широчина од еден метар, а кои претходно биле составени во фабрика.
Големи амбиции
Електричната енергија произведена со соларните панели ќе се доведува до електроенергетската мрежа и ќе се користи за напојување на семејните домови. Компанијата има големи амбиции за својата еколошка иновација.
Во теорија, панелите би можеле да се постават на целата железничка мрежа во Швајцарија, која е долга 5.317 километри. Така, фотонапонски панели би покривале простор со големина еднаква на 760 фудбалски игралишта.
Компанијата проценува дека со покривањето на целата мрежа би се произведувала енергија од 1 терават-час годишно, што е околу 2 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во земјата. Компанијата планира и да се прошири во Германија, Австрија и во Италија.
Меѓутоа, Меѓународната железничка унија изразила загриженост дека на панелите би можеле да се појават пукнатини и може да се доведе до поголем ризик од пожар на зелените површини или да го попречува вниманието при возењето поради рефлектирањето на сончевата светлина.
Од компанијата одговориле дека нивните панели се посилни од обичните и би можеле да имаат филтер против рефлексија. Вградени сензори би можеле да осигурат исправна работа на панелите.
Фото: Pixabay