Швеѓанец отворил осум социјални маркети, може да купуваат само лица со ниски приходи

134

Негативните последици од поскапувањата не изостанаа ниту во Шведска. Сиромаштијата во оваа земја, која е синоним за богатство и благосостојба, е сè поизразена, а тоа се одразува и со отворањето на социјалните продавници за храна.

Според БДП по глава на жител, Шведска е петта најбогата земја во Европската унија. Гасот сочинува само два отсто од вкупното снабдување со енергија и на тој начин ги избегна најлошите економски последици од руската агресија врз Украина. Како што пишува британскиот весник Гардијан, сиромаштијата во Шведска е далеку под европскиот просек.

Но, брзиот раст на цената на струјата и храната има негативни последици и во овој дел од Стариот континент. Според Јохан Риндевал, и Шведска има проблем со сиромаштијата.

Риндевал го знае ова од прва рака, бидејќи 39-годишниот поранешен работник во технолошката индустрија сега го води синџирот на социјални продавници Matmissionen (Мисија за храна), кој брзо се шири од јануари. Бројот на клиенти е двојно зголемен, бидејќи храната во осумте маркети на Риндевал се продава по поповолни цени со давање податоци за имотната состојба.

Во главниот град на Шведска има пет маркети, од кои три се отворени годинава, два маркети има во Гетеборг и еден во Малме. Тие продаваат храна која била донирана од производители и трговци и која требало да се фрли. Тоа се претежно производи со оштетена амбалажа или краток рок на продажба. Риндевал има три цели – да го ограничи фрлањето храна, да обучи работници и да понуди вработување. Приходите од маркетот ги користи за активностите на организацијата која донира храна, најмногу за бездомниците.

Само оние кои се членови можат да купуваат во Matmissionen по најниски цени. Членството е можно за оние чии месечни примања се помали од 11.200 круни. За нив лебот чини пет круни, килограм банани е шест круни, додека половина килограм мелено месо чини 33 круни.

Според британскиот весник, ваквата понуда е сè понеопходна, бидејќи шведскиот систем за социјална заштита во последните години е намален. Јазот меѓу сиромашните и богатите се зголемува, односно има се повеќе луѓе кои се изложени на инфлација, која во просек на есен изнесуваше осум проценти.

Цената на струјата е двојно зголемена и покрај тоа што 75 отсто од електричната енергија се произведува од хидроенергија, нуклеарна енергија и енергија од ветер. Зголемени се и цените на горивата и храната. Путерот поскапува за 25 отсто, месото поскапи за 24 отсто, сирењето поскапи за 22 отсто.

Како што рече Риндевал, клиентите во неговите социјални продавници се претежно оние кои можат да потрошат 300 круни на храна неделно, но не можат да обезбедат урамнотежена исхрана. Тој посочи дека бројот на членови се зголемил од 7.200 во јануари на 14.700 во октомври. Најголем дел од новите членови или 40 отсто се семејства со деца, самохрани родители и парови.

Риндевал има план да го прошири синџирот на социјални пазари низ целата земја. Неодамна постигна договор со Здружението на трговци со храна и Здружението на производители и дистрибутери на храна. Тој рече дека неговата цел не е да ги жигосува оние кои не можат да го прехранат своето семејство.