Склучен меморандум за соработка помеѓу НБРМ и МБА за финансиска едукација и инклузија

35

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Македонската банкарска асоцијација (МБА) склучија меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација на населението во земјава.

Согласно со одредбите од меморандумот, во натамошниот период, НБРМ и МБА, заеднички ќе преземат низа активности коишто ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на финансиска писменост, како и унапредување и развивање на финансиската инклузија на популацијата. Во рамки на соработката ќе се преземат и активности преку кои населението ќе добие повеќе информации и за банкарските услуги во земјава.

Како што беше истакнато и на свеченоста на која беше потпишан меморандумот од гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на МБА, Коста Митровски, оваа соработка ќе биде насочена кон подигнување на свеста кај населението за потребата од финансиска едукација во современото динамично окружување, заради подобрување на вештините и способноста за носење издржани финансиски одлуки во практиката. Истовремено, заради подигнување на нивото на финансиска инклузија, се планираат заеднички активности коишто треба да обезбедат подобра информираност на населението и поголема достапност на банкарските услуги, што би овозможило подобро искористување на предностите коишто ги нудат банкарските услуги, при истовремено зајакнување и на свесноста на населението за евентуалните ризици во доменот на користењето на банкарските услуги, како многу важен аспект за клиентите на банките. Покрај тоа, во рамки на соработката се предвидува и зајакната координација во доменот на следењето, едукацијата и евентуалната примена на финансиските иновации во рамки на банкарскиот сектор, коишто отвораат многу предизвици истовремено и за регулаторите, и за банките и за клиентите.

На свеченоста, МБА склучи меморандуми за соработка во сферата на финансиската едукација и со Министерството за образование и наука (МОН), претставено од министерот, Арбер Адеми и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (КХВ), претставена од претседателката, Нора Алити. Во рамки на соработката дефинирана со меморандумите, меѓу другото, МБА, НБРМ, МОН и КХВ, заеднички, за првпат во нашава земја ќе го организираат Европскиот квиз на парите – проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на младите. Со тоа, Република Македонија се вклучува во второто издание на овој квиз, чијашто основна цел е финансиска едукација на учениците на возраст од тринаесет до петнаесет години. Се очекува дека во квизот ќе учествуваат над четириесет илјади ученици од дваесет и пет европски земји.