Склучени пет договори со изменетата програма на ИПАРД

19

Во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се склучија првите пет договори согласно изменетата програма на ИПАРД за 2007-2013 година. Договорите се однесуваат на инвестиции за набавка на земјоделска механизација, вклучително и трактори, како и опрема за обработка на лозов насад, заштита на насад, ѓубрење и берба.
Како што соопштуваат од Агенцијата, до крајот на овој и почетокот на другиот месец, ќе бидат склучени и останатите договори со апликантите чии барања за финансиска поддршка ќе бидат одобрени.
По објавувањето на 8-миот повик, за доставување на барања за користење средства од ИПАРД програмата 2007-2013, до Агенцијта беа доставени 402 барања за користење на средствата за трите мерки кои се однесуваат на инвестиции во земјоделски стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ за кои се обработија 335 барања, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ за кои се обработија 14 барања, како и диверзификација и развој на руралните економски активности, за кои се обработија 53 барања.
Платежната агенција го најави и следниот повик кој ќе биде објавен на 14 февруари оваа година.
Во завршна фаза е и одобрувањето на поголемите проекти од секторот производство на вино, осовременување на производството на овошје, на стакленици и слично.