СКМ: 2015 година ќе биде тешка, но македонските компании добро ќе се снајдат

23

Стопанската комора на Македонија очекува и 2015 година да биде тешка, но и покрај тоа македонските компании добро да се снајдат исто како што направија годинава, пренесува Миа.

“Тековната 2014 година беше исклучително тешка, а очекуваме и новата 2015 година да биде тешка. Податоците кои покажуваат зголемување на индустриското производство, на вкупната надворешно трговска размена и на извозот се охрабрувачки сигнали дека македонските компании навистина добро се снаоѓаат, но и добро ќе се снајдат и во следната година“, рече извршниот директор на Стопанската комора на Mакедонија, Јелисавета Георгиева.

Нагласи дека охрабрува и добрата професионална комуникација на Стопанската комора со релевантните  министерства и со Владата која годинава вродила со плод.

“Нашите конструктивни забелешки и заклучоци по одредени клучни закони за економскиот развој како што се законите за финансиска дициплина и за задолжница беа прифатени. Поголем дел од нив беа инкорпорирани во законите, а очекувам така да биде и во престојната година“, рече Георгиева.

Таа посочи дека Комората ќе побара 2015 година да се прогласи за година на конкурентноста во Република Македонија, но и на поширокиот регионот. Тоа, како што истакна, ќе биде изложено на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) што ќе се одржи во Скопје на 18 февруари идната година кога воедно ќе ја одблележи 93-годишнината од своето основање

Комората, како што кажа, во првиот квартал од 2015 година ќе се заложи и за подобрување на соработката со Србија, Бугарија  и Хрватска.