СКМ бара пролонгирање на обврската за поставување заштита од неконтролирани движења во лифтовите

42

Групацијата на лифтови во рамки на Здружението на метална и електроиндустрија при Стопанската комора на Македонија (СКМ) бара пролонгирање на обврската за поставување заштита од неконтролирани движења во лифтовите.

“Во врска со одредбата од член 68, став 1, која ќе треба да се применува од 1 јануари 2016 година, со цел поставување уреди за заштита од неконтролирани движења на кабината на лифтот нагоре, сакаме да укажеме на неколку аспекти: со поставувањето на уреди за заштита од неконтролирани движења (винкли, кочници, јажиња и други уреди) се загрозува статиката на лифтовите бидејќи кабината на лифтовите се оптоварува со дополнителни над 70 килограми; сите лифтови кои се вградуваат во објектите се од странски производител (бидејќи Македонија нема сопствено производство на овој вид целосен производ), што дополнително ја усложнува постапката, бидејќи постојната техничка документација нема да одговара на новите карактеристики на лифтот, а примената на ваквата одредба ќе се коси со целокупната техничка документација од производителот, односно ќе биде некомпатибилна и имплементирањето на оваа одредба ќе значи и дополнителни финансиски вложувања, што ќе треба да паднат на товар на физичките и правните лица како крајни корисници на лифтовите, иако и во овој момент безбедноста на граѓаните, односно патниците во лифтовите не е доведена во прашање, бидејќи и сега лифтовите во Република Македонија, со постојните законски прописи соодветствуваат на безбедноста“, велат од Групацијата на лифтови.

Според податоците на терен, во објектите ширум земјата се инсталирани над 12.000 лифтови.
Според статистичките податоци, на годишно ниво увозот на лифтови изнесува над 1,5 милиони американски долари, но овој износ е далеку поголем ако се земе предвид дека во земјава се увезуваат и поединечни делови за лифтовите, но за нив не може прецизно статистички да се изрази вредноста на увозот, имајќи предвид дека не се евидентирани како посебна група производи – делови за лифтови во статистичката евиденција.