СКМ ја зајакнува бизнис соработката со Кина

13

Стопанската комора на Македонија најавува зајакнување на бизнис соработката со Кина преку Деловниот совет во кој членуваат и стопанските комори на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Словенија.

Целта на Деловниот совет е да ја поттикне економската соработка меѓу Кина и земјите од централна и источна Европа, особено во делот на заеднички инвестиции, трговска размена и технолошка соработка, како и во делот на трговијата меѓу сите учесници. Во него, освен стопанските комори, членки се и бизнис-асоцијации и агенции за инвестиции и развој на претпријатија.

Деловниот совет ќе го одржи првиот инаугуративен состанок во Катовице, Полска, за време на 7. Европски економски конгрес, а на него ќе учествува и потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева. Членовите на Советот ќе ги утврдат основните принципи и насоки на делување во наредниот период.

Стопанската комора воедно ќе го искористи членувањето во Деловниот совет како платформа за размена на информации во врска со активностите што членките ги презеле за поттикнување на инвестициите и трговијата со Кина.

Следниот состанок на Деловниот совет ќе се одржи за време на Саемот за деловна и технолошка соработка меѓу Кина и ЕУ во Ченгду, провинција Сичуан, Кина, во ноември 2015 година.