СКМ: Компаниите да се подготват за новите правила за потекло на стоки

28

Почнувајќи од 1 јануари 2015 година ќе бидат воведени нови правила за потекло на стоки кон ЕУ, Турција, ЕФТА, ЦЕФТА, земјите од Барселонскиот процес, Јордан, Израел, Египет, Тунис, Мароко, Палестина, и од регионот, Албанија, БиХ, Хрватска, Србија  и Косово.

Досегашните билатерални договори за потекло на стоките ќе бидат заменети со Регионалната конвенција за пан-евро-медитерански преференцијални правила за потекло.

“Со Конвенцијата ќе се надминат тешкотиите во менаџирањето на мрежата од 60 билатерални протоколи за правилата за потекло меѓу ЕУ и земјите и териториите на евро-медитеранската зона. Конвенцијата ќе го замени важечкиот систем на пан-евро-медитеранската кумулација на потекло базирана на билатералните протоколи потпишани меѓу државите-партнери со единствен правен инструмент во форма на регионална конвенција за преференцијални правила за потекло”, вели Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија.

Комората, во соработка со Унија на германски индустриски и трговски комори организира семинар што на домашните компании ќе им овозможи подобро да ги разберат функционалноста на Пан-Евро-Мед повластената зона и користењето на преференцијално потекло во функција на зголемување на конкурентноста  на странските пазари, поголем профит и унапредување на своите деловни активности.

“Семинарот е од особена важност за сите извозно-увозно ориентирани компании бидејќи сите протоколи за правилата за потекло на стоките во рамки на договорите за слободна трговија (ЕУ, ЦЕФТА, ЕФТА и Турција) ќе бидат заменети со единствен протокол, Правила за потекло на стоки согласно Регионална конвенција за Пан-еуро-мед преференцијални правила за потекло”, нагласува Нури.

Регионалната конвенција за пан-евро-медитерански преференцијални правила за потекло е одобрена од Советот на Европа во април 2011 година, а е потпишана и од македонска страна. Овозможува дијагонална кумулација на потеклото меѓу потписничките доколку меѓусебно имаат билатерални договори за слободна трговија.

Договорни страни на Конвенцијата се ЕУ, Фарските Острови, земјите на ЕФТА, југоисточно-медитеранските партнери учесници во Барселонскиот процес, Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција, како и земјите од Западен Балкан, Албанија, БиХ, Хрватска, Македонија, Србија  и Косово.

“Советот на ЕУ  повика на брзо напредување во развој на нови партнерства со регионите, засновани на подлабока економска интеграција, прекуграничен пристап на пазарите и потесна политичка соработка. Всушност, Советот апелира на брз прогрес базиран врз Предлог-пан-евро-медитеранските, нови правила за потекло”, потенцира Нури.

Процесот на промена на преференцијалните правила за потекло е почнат. Се очекува сите земји потписнички да ги разгледаат постоечките правила и да предложат нивна ревизија согласно согледувањата за зголемување на конкурентноста на производите.

На 29 октомври во просториите на Стопанска комора на Македонија ќе се одржи семинаротот на тема ПАН-ЕВРО-МЕД Конвенција, каде предавач ќе биде германскиот експерт Френк Гроскопф од Foreign Trade Consult.