Škoda го претстави својот најнов кросовер Kushaq

38

Чешкиот производител Škoda го претстави својот најнов мал градски кросовер наречен Kushah, а кој е развиен и наменет за индискиот пазар.

Во Škoda очекуваат Индија да стане третиот најголем автомобилски пазар во следните неколку години, па на време се подготвуваат за својата офанзива. Така, чешката компанија го лансираше кросоверот Kushaq, новиот мал кросовер во својата гама, кој ќе биде наменет конкретно за индискиот потконтинент.

Ова е ново поглавје и за Škoda и за Volkswagen групацијата, а Kushaq е првиот модел кој ќе изграден на новата MQB-A0-IN платформа, адаптирана од страна на Škoda за Индија. Новиот модел ќе биде лансиран на пазарот во јуни, а испораките ќе започнат еден месец подоцна.

Kushaq се приклучува на Karoq и Kodiaq на индискиот пазар, а со своите 4.221 милиметри во должина, 1.760 милиметри ширина и 1.612 милиметри висина, Kushaq ќе биде најмалиот кросовер во понудата. Новиот кросовер може да се пофали со 2.651 милиметри меѓуосовинско растојание, што е меѓу најголемото во сегментот. Клиренсот е 188 милиметри, а капацитетот на багажникот изнесува 385 литри.

Kushaq ќе се нуди со 1,0-литарски TSI кој испорачува 115 КС и 175 Nm максимален вртежен момент, како и поголемиот 1,5-литарски TSI со 150 КС и 250 Nm. Помалиот мотор ќе биде достапен со шестстепен мануелец или шестстепен автоматски менувач, додека поголемиот пристигнува со шестстепен мануелец или седумстепен DSG менувач. Сите модели се со погон на предните тркала.

Дизајнот наликува на европската гама на Škoda, а особено впечатливи се карактеристичната хауба, широката решетка околу која се наоѓаат двете светлечки групи и браникот со остри страни и големи долни отвори за воздух. Има и две паралелни линии кои се протегаат на вратите, од предните крила до задните светла во форма на L. Задниот дел, каде се наоѓа и покривниот спојлер, се одликува со логата на Škoda и Kushaq, како и заден дифузер.

Базичниот модел Active е поставен на 16-инчни челични тркала со прекривки, додека Ambition и Style добиваат 16 и 17-инчни тркала од лесна легура. Купувачите ќе можат да бираат меѓу пет бои на екстериерот.

Во ентериерот ќе има простор за пет возрасни лица и е високо практичен, со голем број на места за складирање. Зависно од изборот, на централната конзола се наоѓа 7 или 10-инчен екран на допир од инфозабавниот систем. Повисоките нивоа на опременост ќе се нудат со делумно кожен тапацир, панел на допир за контрола на клима-уредот, вентилирачки предни седишта, електричен сончев покрив, амбиентално осветлување и бесконтактен пристап. Исто така, Kushaq ќе добие и голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот.

Преземено од Avtoplus.mk