Škoda и ABT подготвија специјална Scala Edition S

46

Škoda и ABT Sportsline направија соработка со цел да ја создадат Scala Edition S, специјална верзија на компактниот хечбек за пазарот во Германија.

Кога Škoda го претстави Vision RS концептот во октомври 2018 година на Салонот во Париз, се претпоставуваше дека Scala ќе добие и хот хеч верзија. Концептот кој беше претставен имаше потентен хибриден погон со 1,5-литарски TSI и електромотор со вкупна моќност од 241 КС. Сепак, се уште нема назнака за Scala RS, но затоа сега пристигнува Škoda Scala Edition S, кој не е полнокрвен RS дериватив, но е помоќен и поспортски од стандардниот хечбек.

Scala Edition S е новиот специјален модел на Škoda, кој е создаден во соработка со тјунерот ABT Sportsline и ќе биде првично ограничен на само 500 примероци. Моделите се базирани на Monte Carlo нивото на опременост, со што се добива поголема моќност и поспортски дизајн на надворешноста и внатрешноста.

Овој модел на Škoda се напојува со 1,5-литарскиот TSI бензински мотор кој е унапреден да развива 190 КС и 290 Nm максимален вртежен момент. Тоа е за 40 КС и 40 Nm повеќе во однос на стандардната варијанта, а пристигнува во комбинација со шестстепен мануелен менувач.

Škoda Scala Edition S се одликува со спортски систем на потпирање кој го спушта нивото на возење за 15 милиметри, заедно со унапредениот екстериер и додатоци од типот на нов преден браник, покривен спојлер и заден дифузер. Моделот ќе биде достапен во Velvet Red, Black Magic Pearl и Steal Gray, а е поставен на 18-инчните ER-C18 тркала на ABТ и се одликува со Monte Carlo црни дизајнерски елементи на решетката, капаците од ретровизорите и праговите, затемнети задни стакла и LED предни и задни светла со динамични индикатори за насока.

Во внатрешноста, оваа ограничена едиција на хечбекот поседува предни спортски седишта обложени со црна ткаенина, мултифункционален спортски управувач, педали од нерѓосувачки челик и карбонски трим. Во стандардната опрема исто така влегува и Bolero инфозабавен систем, Bluetooth и Care Connect кој овозможува далечински пристап до возилото и други услуги за асистенција.

Новата Škoda Scala Edition S ќе пристигне следната недела со почетна цена од 33.790 евра.

Преземено од Avtoplus.mk