Скок од 7,6% на индустриското производство во март

20

Индустриското производство во март оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 7,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Индустриското производство во периодот јануари – март 2021 година, во однос на периодот јануари – март 2020 година, е намалено за 6,1%.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи опаѓање од 2,3%, во секторот  Преработувачка индустрија бележи пораст од 6,2%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 31%.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 20,3% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,6%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 1,9%, Капитални производи за 0,5% и Трајни производи за широка потрошувачка за 2,8%.

Фото: Pixabay