Скок од над 101% на бројот на трансакции на берзата во септември

66

Во текот на минатиот месец, на Македонска берза се реализирани 1.742 трансакции или 101,39% повеќе во однос на август, покажува Месечниот статистички билтен.

Пазарната капитализација се позиционираше на 180.469.481.499 денари или 3,46% повеќе во споредба со август. Прометот забележа скок од 25,08% и достигна ниво од 408.423.818 денари. Зголемување од 6,60% има кај индексот МБИ10, којшто септември го заокружи со 4.485,18 поени.

На официјалниот пазар е направен промет од 384.241.710 денари преку 1.726 трансакции, на редовниот пазар прометот преку 10 трансакции достигна 1.225.758 денари, додека преку шест блок трансакции направен е промет од 22.956.350 денари.

Најтргувани акции на официјалниот пазар на берзата беа оние на: Комерцијална банка (619 трансакции), Алкалоид (270), Макпетрол (187), Гранит (164) и НЛБ Банка (72).

Најголем пораст на вредноста во септември имаат акциите на: Сковин Скопје (150%), Тетекс Тетово (21,90%), Стопанска банка Битола (14,54%), Окта (13,94%) и Макпетрол (11,94%).

Од друга страна, најголем пад е регистриран кај акциите на: Стопанска банка Скопје – приоритетни (-15,38%), Хотели Метропол Охрид (-3%), Кристал 1923 Велес (-1,32%), Уни Банка (-1,01%) и Градски трговски центар (-0,28%).

Фото: mse.mk