Скок од над 119% на прометот на Македонска берза во 2018 година

19

Прометот на Македонска берза во периодот јануари – декември лани достигна ниво од 10.414.067.246 денари или 119,78% повеќе во однос на истиот период во 2017 година, покажува Годишниот статистички билтен на Македонска берза.

Пораст од 47,48% е забележан и кај вкупниот број на трансакции – 23.932. Индексот МБИ 10 се позиционираше на 3.469,03 поени, што е 36,64% повеќе во споредба со 2017 година. Пазарната капитализација на берзата изнесуваше 162.169.162.195 денари или 18,95% повеќе во однос на претходната година.

Најактивен месец за тргување беше март со учество од 33,43% во вкупниот промет во 2018 година. Причина за тоа е големата вредност на блок трансакции во висина од 3.130.550.358 денари. Од друга страна, најмалку се тргуваше во ноември (3,42%).

Сумирано, класичното тргување во текот на 12-те месеци од минатата година достигна ниво од 4.889.152.889 денари, блок трансакциите имаа вредност од 5.261.265.006 денари, јавните берзански трансакции изнесуваа 17.004.352 денари, додека јавната понуда на хартии од вредност се позиционираше на 246.645.000 денари.

Топ пет најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонска берза во текот на 2018 година се акциите на: Комерцијална банка, Алкалоид, НЛБ Банка, Стопанска банка и Макпетрол.

Најголем пораст на официјалниот пазар имаа хартиите од вредност на: Стокопромет (570,39%), Сковин (148,76%), Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (110%), Мермерен комбинат (105,80%) и Комерцијална банка (83,11%).

Од друга страна, најголем пад имаа акциите на: Карпош (-38,56%), Технометал Вардар (-37,50%), Арцелормиттал Скопје ХРМ (-34,78%), ФЗЦ 11 Октомври Куманово (-21,94%) и ДС Смитх Скопје (-19,19%).