Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

96

Министерството за финансии на почетокот на овој месец ја организираше Првата годишна конференција на тема „Економско закрепнување и раст по Ковид“ во рамки на Економскиот и финансиски форум (Skopje Economic and Financial Forum 2021). Навистина беше значајно на едно место да ги слушнеме искуствата и ставовите на високите владини претставници од земјата и регионот, но и на претставници на меѓународните финансиски институции, за тема која сите нè засега и заеднички треба да излеземе со победа. Предлозите и пораките упатени на Конференција се од особено значење во креирање на идните политики и мерки насочени кон постигнување подобри резултати во остварување на нашите цели – економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст.

Глобалните и регионалните перспективи на постпандемиско закрепнување и раст, доброто управување и учество на граѓаните, соодветната, навремената и добро насочената поддршка за социјална вклученост, дигитализацијата, зелената економија, како и формирањето човечки капитал, беа дел од дискусиите на Првата годишна конференција. Таа е дел од напорите на Министертвото за подигнување на транспарентноста и зголемување на инклузивноста. Нашата цел е во иднина да прерасне во респектабилна традиција и да биде препознатлива во регионални и европски рамки.

Мојата порака беше дека сме тука да кажеме дека: „Ковидот нема да нѐ победи. Ние сме дел од глобалната алијанса за борба против коронавирусот и тука сме за да зборуваме не само за опоравување, туку и повеќе од тоа, да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

На пандемијата што го зафати светот, а големо влијание имаше и на нашата земја, одговоривме со мерки за борба против Ковид, за заштита на животите и спасување на економијата. Затоа, минатата година одвоивме фискален стимул во вкупна вредност од 11 отсто од БДП преку различни мерки за здравствениот сектор, ранливите категории граѓани, заштита на работните места, помош за бизнисите за да ја преживеат кризата. На тој начин, успеавме да го ублажиме падот на БДП за 4,2 процентни поени, кој инаку би достигнал 8,7 отсто. Според официјалните извештај од Државниот завод за статистика вториот квартал БДП бележи раст од 13,1% во однос на истиот период од минатата година, а со тоа и првпат растот се покачи над нултата во позитивна зона и тоа по четири последователни квартали со негативни стапки на раст на БДП, со што методолошки гледано и официјално економската криза заврши.

Годинава проектиравме раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години. Следејќи ги позитивните економски трендови во текот на годинава  вклучително и третиот квартал, најверојатно ќе имаме нови проекции за повисок раст на БДП за 2021 година. Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, подготвивме План за финансирање на економското заздравување и забрзување на растот, а притоа и одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот. Истовремено фокусирани сме на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно сведување на ниво од 3% и 60%, респективно, како дел од БДП. За волја на вистината, поради длабочината на пандемиската криза, и Европската Унија ја активираше општата клаузула за изземање (“general escape clause”) од фискалните правила и воведе привремена суспензија на мастришките критериуми.

Не изостанаа пораките за поддршка за политиките што ги спроведуваме од важните меѓународни институции присутни на Конференцијата. Макроекономскиот амбиент се менува. Гледаме политичка стабилност, регионална интеграција и подобро имплементирање на владеење на правото, а тоа ќе овозможи инвеститорите да ја откриваат и реоткриваат земјата. Поддршка за инфраструктурните проекти и интеграција во ЕУ, за нови инвестиции во енергетскиот сектор, за зелена економија, дигитализација беа посочени од претставниците на ЕБОР, ЕИБ, СБ…

Сите вредни сознанија споделени на дводневната дискусија низ шесте панели се важен придонес во фазата на формулирање политики за следната година, како и на подолг рок, а дел од нив ги резимирам во продолжение.

Пандемијата како заеднички предизвик, поуки и  – Закрепнувањето се очекува во 2022 година

На глобално ниво закрепнувањето е различно од земја во земја, но тоа се разликува и од сектор до сектор, а зависи од кондицијата на секој сектор, мерките за справување со кризата, особено оние кои се со фискална поддршка, како и од растот на земјите, нивниот модел на развој и фискалниот простор за стимулации.

Посериозно закрепнување се очекува во 2022 година, но сè уште постојат глобални предизвици како климатските промени, социјалната нееднаквост, нееднаквоста на пристапот до вакцини и други безбедносни предизвици. Но, предизвици кои стојат пред нас и кои се важни и на кои треба  ние да посветиме внимание се одржливиот раст, изворите на растот, факторите на растот, како и моделот на раст. Во таа насока се подготвените документи – Планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст, Програмата за економски реформи, Фискална стратегија, Стратегијата за управување со јавен долг, Стратегијата за реформи на даночниот систем, развој нa фискалната децентрализација за поддршка на локалниот развој, како и Акцискиот план за намалување на сивата економија.

Макроекономските политики и јавните финансии во периодот после пандемијата, со фокус на растот на среден рок и фискална консолидација

Во периодот по пандемијата заеднички за сите земји е да се фокусираат на растот на среден рок и фискална консолидација истовремено.

Плановите имаат различни наслови, но во суштина имаат многу заеднички цели. Тие се: подигнување на капацитетот на здравствениот систем и стапката на имунизација, бидејќи повисока стапка на вакинација на населението значи и повисоки стапки на економско закрепнување. Структурни и фискални реформи за креирање кредибилна фискална политика која ќе обезбеди фискална консолидација и стабилизација на јавниот долг, како и обезбедување фискални резерви (бафери) за идните предизвици и кризи. Потребно е зголемување на капиталните инвестиции во здравствениот систем, инфраструктурата и зелениот раст придружени со механизми за контрола кои ќе ја зголемат ефективноста и ефикасноста на инвестициските проекти, инвестиции во човечкиот капитал, нови инструменти за финансирање на растот, структурни реформи, заедно со добро владеење на правото, градење политички консензус за оваа агенда и продолжување на регионалната соработка.

 

Но, предизвици кои стојат пред нас и кои се важни и на кои треба ние да посветиме внимание се одржливиот раст, изворите на растот, факторите на растот, како и моделот на раст. Во таа насока се подготвените документи – Планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст, Програмата за економски реформи, Фискална стратегија, Стратегијата за управување со јавен долг, Стратегијата за реформи на даночниот систем, развој нa фискалната децентрализација за поддршка на локалниот развој, како и Акцискиот план за намалување на сивата економија.

„Добро владеење и социјална кохезија“ – Потребен  преоден концепт за добро управување и нов пристап кон социјалната кохезија

Пандемијата наметна нов начин на управување со општеството диктиран од здравствените приоритети. Повеќето учесници се согласија дека е потребен преоден концепт за добро управување и нов пристап кон социјалната кохезија, како и поголема улога на модерните технологии.

Други важни прашања кои се однесуваат на доброто управување и социјалната кохезија се поврзани со справување со корупцијата и владеење на правото, ефикасен судски систем, високо ниво на координација на општеството за соочување со кризата предизвикана од пандемијата, потребата од вакцинација за да се спречи ударот врз економските текови со последователен раст на сиромаштијата, паралелно со инвестиции во човечкиот капитал.

Како јадро на доброто упраување и социјалната кохезија се исто така потребата од одржливо закрепнување, вклучително зелениот развој и дигиталната агенда и водење грижа за понатамошно обезбедување јавни услуги, вработување и правда.

Јавни и приватни инвестиции и конкурентност – Поддршка и партнерство за раст и развој

Постојат разлики во предизвиците со кои се соочуваат компаниите во зависност од нивната големина. Потреба од континуирана владина поддршка на оние бизниси кои се директно погодени од пандемијата се уште постои, а со цел да се зачуваат работните места и да се зачува квалитетот на животот на граѓаните.

Компаниите сè уште сметаат на финансиска и нефинансиска поддршка која вклучува борба против корупцијата, владеење на правото, намалување на сивата економија со цел создавање добра бизнис клима. Од друга страна, бизнисите кои веќе ги имаат направено плановите за идните инвестиции со цел да ја зголемат својата конкурентност очекуваат ниски даноци, подобра транспареност, ефикасна јавна адмиистрација и навремено исолнување на владините обврски кон нив.

Моменталната криза е можност да се искористи за структурни промени кои водат кон зелена економија и поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија, како фотоволтаици, ветерници, неискористен хидро-потенцијал.

Паметен и зелен раст на економијата главен двигател на опоравувањето

Постпандемиското заздравување не може да базира на досегашниот модел на водење бизнис. Економското заздравување, главно, ќе зависи од три столба – дигиталната економија, зелената економија и еднакви можности за сите, кои пак бараат огромни инвестиции од државата, локалните власти, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.

Во оваа насока се на располагање средства од Европската инвестициска банка (ЕИБ) од 1,7 милијарда евра за климатска акција и одржливи инвестиции во животната средина, како и сеопфатниот Инвестициски план за Западен Балкан од 2021-2027 година,  кој мобилизира 9 милијарди евра за климатски акции, декарбонизација, циркуларна економија, заштита и обнова на природните ресурси, намалување на загаденоста на воздухот, водата и почвата, како и одржливи системи за храна и рурални области. 

Инвестиции во човечки капитал за забрзување на економскиот раст и поквалитетен живот

Инвестициите во човечкиот капитал обезбедуваат подобри и релевантни вештини и знаења и имаат влијание врз подобрување на продуктивноста и забрзување на економскиот раст, а истовремено влијаат и на намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.

Развојот на човечкиот капитал бара многу време и резултатите не се гледаат брзо, бара похрабри реформи и одлуки што не се лесни да се преземат, како и континуираност. Еден од клучните елементи е Стратегијата за развој на човечкиот капитал, која е долгорочно ориентирана и базирана на факти и аргументи, реална и мерлива.

Платформа за идеи, дебата и политики за раст и развој

Конференцијата ни даде насоки, одговори на важни прашања, упати значајни пораки кои ќе бидат основа во креирањето на идните политики. По неа останува значајно да бидеме фокусирани не само на политиките што ќе дадат силен поттик за закрепнување и забрзување на растот, туку и на отпорноста на нашата економија во контекст на новите предизвици. Остануваме отворени преку „Скопје економски и финансиски форум“ кој се надеваме да прерасне во платформа преку која креаторите на политиките, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академиците, експерти и сите засегнати страни ќе разменуваат мислења, ќе иницираат идеи и иницијативи за заначајни и важни теми од областа на економијата и финансиите од национално и регионално значаење.

Фатмир Бесими, министер за финансии