Скопје травел маркет од 25 до 27 април

19

skopjetravelOд 25 до 27 април ќе се одржи Саемот за туризам Скопје травел маркет, каде ќе бидат промовирани домашни и странски атрактивни дестинации за одмор и релаксација.

На саемот ќе се претстават туристички агенции, хотели, ресторани, кампови, компании за патнички превоз, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, авиокомпании, занаетчиски комори, како и винарски визби. Тур-операторите од регионот, од Турција, Италија, Северен Кипар, Унгарија, ќе имаат можност да остварат директни средби и да договорат евентуална соработка. Исто така ќе присуствуваат и оператори за верски туризам кои ќе нудат аранжмани за одење на аџилак.

“Одржувањето на оваа манифестација е поттикнато од фактот дека туризмот е значајна стопанска гранка која има суштествена улога во економскиот развој и преку привлекување нови инвестиции, отворање работни места, промовирање на културните вредности и на природните богатства не само во земјава, туку и надвор од неа”, рече Магдалена Хамбова од Скопски саем.

Поддржувачот на настанот, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, исто така ќе има свој изложбен простор. Првиот ден е предвидено, традиционално, да се одржи првенството на бармени, а следниот, на 26 април, туристичката агенција Савана ќе го промовира тренинг-центарот чија цел е обука на туристички работници.

Во изминатиот период Агенцијата посетила 13 меѓународни саеми за туризам во Европа каде што Македонија била успешно промовирана, а меѓу другото издадени се и брошури на 15 јазици. Меѓу државите кои покажале најголем интерес за земјава се Холандија, Австрија, Шведска, Италија и Русија.

Скопје травел маркет ќе биде отворен секој ден од 11 до 19 часот, а цената на влезниците е 50 денари. За групна посета на ученици и студенти билетот ќе чини 30 денари.