Скопје vs Сингапур

21

Над 9.200 километри е оддалечено Скопје од градот – држава Сингапур. Со помош на податоците на Numbeo ќе направиме анализа на потрошувачките цени во овие два града.

Комплетен оброк во ресторан во Скопје има просечна цена од 16,25 евра, додека за тоа во Сингапур ќе треба да одвоите 39,75 евра или 144% повеќе. Шолја капучино во ресторан или кафуле кај нас чини околу 1,38 евра, а во Сингапур 159% повеќе или 3,58 евра.

Еден литар млеко во маркет во нашиот главен град има просечна цена од 0,84 евра, додека во Сингапур е 134% повеќе или 1,96 евра. Килограм компири во супермаркет во овој азиски град се продава за 1,99 евра или 294% поскапо одошто кај нас, каде што чини 0,50 евра. Една кутија со 20 цигари кај нас има просечна цена од 2,28 евра, додека во Сингапур се продава за 322% повеќе или 9,61 евро.

Месечен билет за јавен превоз во Скопје чини 24 евра, додека во Сингапур е 230% поскап или 79 евра.

Месечните трошоци за струја, вода, греење, смет… за стан од 85 метри квадратни кај нас се околу 109 евра, а во Сингапур 10% помалку или 98 евра месечно.

Изнајмување на стан со една спална во центарот на Скопје е околу 234 евра, а за таа намена во Сингапур ќе треба да се одвојат 684% повеќе пари или 1.837 евра. Огромна разлика од 1.316% има кај цената за метар квадратен на стан во централното градско подрачје. Па така, за таа намена во Скопје ќе платите 1.230 евра, а во Сингапур 17.436 евра.

Над 667% е разликата во просечната нето плата во Скопје и Сингапур. Еден вработен во нашиот главен град во просек примил нето плата од 388 евра, а во Сингапур 2.985 евра.

Фото: Pixabay