Скоро секоја втора фирма не работела во екот на пандемијата во Хрватска

29

Хрватската консултантска компанија Апсолон го објави истражувањето Хрватски дигитален индекс (ХДИ), со којшто се опфатени 300 компании во земјата од различни дејности и географски подрачја со цел да се увиди состојбата за дигитална подготвеност на тамошната економија, пренесува Bug.hr.

Истражувањето покажало дека пандемијата имала силно влијание врз работата на компаниите, па дури 41% од испитаниците не работеле во текот на “првиот бран“, меѓу кои 21% како причина ја навеле неможноста да организираат алтернативен начин на работа поради специфичната дејност со којашто се занимаваат. Како најголем проблем поради кризата, 58,5% од компаниите ја наведуваат комуникацијата и соработката со клиентите и добавувачите.

“Студијата за дигитална трансформација за оваа година во Хрватска покажува благо позитивно поместување во однос на оваа трансформација и можностите што ги нуди. Сведочиме на четири позитивни трендови – најчести носители на одговорноста за дигитална трансформација сега се претседателите на управата, поголемиот дел од компаниите сметаат дека дигиталната трансформација нема да го намали бројот на работни места, а компаниите ја разбираат потребата да бидат поагилни и сметаат дека последиците од успешна или неуспешна трансформација ќе ги почувствуваат за помалку од три години“, смета Наташа Чуриќ Мартинчевиќ, претседателка на Управата на Апсолон.

Фото: Pexels