
Денес, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари работна средба со заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
На средбата се разговараше за макроекономските показатели, финансиската и ценовната стабилност, инфлацијата и тековите во економијата. Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и расте, а стабилноста на денарот е сидро на вкупната макроекономска стабилност на земјата.
Во однос на инфлацијата, се бележи стабилизирање на ценовните движења, а проекциите на Народната банка за 2026 година предвидуваат годишна инфлација под 2,5%, со тенденција постепено да се врати на историскиот просек од околу 2%.
Соговорниците се согласија дека добра соработка и координација меѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се клучни за спроведување политики кои го поттикнуваат економскиот развој.
Заменик-министерот Ристески ѝ го честиташе 80-годишниот јубилеј на Народната банка, посочувајќи дека таа е институција со висок кредибилитет кај јавноста и меѓународните финансиски кругови.













