Словенците во банки чуваат 23 милијарди евра

19

Средствата на словенечките домаќинства на депозитните сметки во банките пораснаа за над две милијарди евра на рекордни 23 милијарди евра во 2020 година, соопшти тамошната централна банка.

Овој раст им се препишува на мерките на пазарот на труд преземени во текот на пандемијата, коишто овозможија зголемување на заработката, но и затворање на многу продавници, поради што поголемиот дел од приходот на домаќинствата остана непотрошен.

Минатата година бруто расположливиот приход на домаќинствата во Словенија порасна за 3,8% или за 1,1 милијарда евра во однос на 2019 година.

“Иако домаќинствата имаа на располагање повеќе средства, приватната потрошувачка во Словенија значително се намали, како и во сите останати земји членки на еврозоната. Причините за тоа се поврзани со рестриктивните мерки за сузбивање на пандемијата, а дел и од претпазливото однесување на граѓаните“, наведуваат од словенечката централна банка.

Бидејќи во текот на карантинот многу услуги беа делумно или целосно ограничени, а продавниците за неегзистенцијални производи затворени, домаќинствата потрошија околу 2,6 милијарди евра помалку одошто во 2019 година.

Домаќинствата во Словенија голем дел од приходите ги претвораа во штедење, што ја подигна стапката на штедење за околу 11,7 проценти поени на 25%.

Централната банка на Словенија регистрирала уште еден тренд минатата година, нешто помала побарувачка за потрошувачки кредити.

Фото: Freepik