Словенија дозволи влез за Македонци со негативен ПЦР тест

57

Жители на земјава може слободно да патуваат во Словенија доколку на граница приложат негативен ПЦР тест не постар од 48 часа, најави денеска Словенечката амбасада во земјава.

“Негативен тест од трети земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, е валиден доколку не е постар од 48 часа и е изработен од организација објавена на Националната лабораторија за здравје, животна средина и храна“, стои на официјалната Facebook страница на словенечката амбасада во земјава.

Во Северна Македонија, како што се наведува, тоа е Институтот за јавно здравје.

Во соопштението на Амбасадата се додава дека важи и исклучокот без тест и карантин за влез во земјата, само со цел одржување контакт со потесни членови на семејството, а лицето се враќа во рок од 72 часа, како и за преминување на границата на деца под 14 години само доколку патуваат со потесен член на семејство кој приложил негативен тест.

Одлуката на словенечката Влада за влез на македонски државјани во државата стапува во сила од денеска.

Фото: Facebook