Словенија следната година планира да приватизира 20 компании, соопштуваат од Словенечкиот државен холдинг (СДХ), којшто управува со портфолиото на државниот имот и ја води приватизацијата.
Најголемата приватизација што ќе биде спроведена на почетокот на 2016 година ќе биде продажбата на словенечката најголема банка, Нова љубљанска банка (НЛБ), којашто беше спасена од државата во 2013 година. Во замена на одобрување од Европската комисија за државна помош на банките, Владата се согласи да ја продаде НЛБ до крајот на 2017 година, јавува Ројтерс.
Владата планира да продаде 75% од НЛБ и да задржи удел од 25% во банката.
Претходната влада одвои 15 фирми за продажба, од кои досега се продадени седум.