Словенија се откажа од проектот 10 хидроцентрали на Сава, ќе гради само три

32

hcСловенечката влада даде зелено светло за изработка на просторен план за изградба на три од 10 претходно планирани хидроцентрали на реката Сава. Тоа значи дека се откажува од првичниот план за изградба на сите ХЦ на Сава, пишува словенечки Дневник и оценува дека проектот кој амбициозно бил најавен како начин за излез од кризата, всушност не бил добро пресметан.

Актуелната влада на премиерката Аленка Братушек го потврди ширењето на проектот Натура 2000, кој го штити просторот на Сава како животен простор на европската пастрмка и дунавскиот лосос, што дополнително ги намали шансите проектот да се реализира во целост. Тоа ја доведува во прашање економската исплатливост на скапиот проект.

Според првичниот план, проектот вреден вкупно 1,3 милијарди евра предвидуваше изградба на 10 хидроцентрали на средниот тек на Сава, со вкупна моќност од 338 мегавати. Изградбата требаше да започне во 2009 година, а да заврши до 2025. Но, желбите останаа само на хартија, а еколозите беа поуспешни од енергетските лобија, заклучува Дневник.