Словенија воведува данок на маржите на банките и повисок ДДВ

25

Одлуката на словенечката влада да воведе данок на финансиски трансакции и да ја покачи стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) на некои производи и услуги дополнително ќе го намали стандардот на средниот слој, истакнуваат словенечките медиуми.

Новиот данок од 6,5% на маржите на банките при сите финансиски трансакции, банките ќе го префрлат на клиентите, што меѓу другото значи поголеми провизии за вадење готовина од сметките, поскапи кредити, но и опасност фондовите и фирмите кои се занимаваат само со финансиски трансакции да се префрлат во други држави.

Банките се загрижени дека поради новиот данок ќе бидат уште помалку конкурентни затоа што владата го продолжи важењето на интервентниот закон врз основа на кој банките плаќаат данок на својот биланс.

Зголемувањето на стапката на ДДВ ќе ги погоди малите претпријатија, но и граѓаните поради растот на комуналните трошоци. На листата производи и услуги за кои се плаќа пониска стапка од 8,5% , а за кои сега ќе се плаќа 20% ДДВ се наоѓаат храна за домашни миленици, чистење на приватни станови и згради, фризерски и цвеќарски услуги, услуги на спортско – рекреативни простори, дневни весници и останата печатена публикација.

Со дополнувањето на законот за ДДВ словенечката влада планира следната година во буџетот да добие дополнителни 70 милиони евра приход, за што експертите сметаат дека е нереална проценка.

(Banka.hr, Delo)