Швајцарскиот дизајнер и претприемач, Ив Бехар, создаде модерно и роботизирано креветче за бебиња, коешто ќе им биде од голема помош на родителите, пишува Dezeen.
Креветчето, под името Snoo, е опремено со микрофон, звучници и сензори. Штом бебето почне нервозно да се движи, креветчето почнува со внимателно и нежно движење, додека бебето не заспие повторно. На тој начин, родителите не мора да стануваат повеќе пати во текот на ноќта, бидејќи нивното бебе е во “сигурни раце“.
“Како татко на четири деца, многу ми е познато неспиењето во текот на ноќта. Тоа е повеќе од товар, бидејќи за кратко време може да предизвика сериозен здравствен проблем и за родителите и за бебето“, вели Бехар.
Snoo има и посебна апликација, којашто им помага на родителите да го следат однесувањето на бебето во текот на ноќта и да ги собира податоците.
За создавањето на Snoo се користат природни материјали, што ја создаваат удобноста, а висината е прилагодена на висината на креветот на родителите за да можат да го надгледуваат бебето.
Цената на ова креветче изнесува 1.160 долари.