Со 16 милиони денари Макстил целосно го реновираше Одделот за онкологија на Клиниката за детски болести

46

Со донација вредна 16 милиони денари Макстил целосно го реновираше Одделот за онкологија при ЈЗУ Универзитетската Клиника за детски болести. Комплетното реновирање вклучува поставување на нов систем за вентилација и нов систем за технички гасови, реновирани се сите болнички соби, просториите за медицинскиот персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и канализациската мрежа, поставен е и нов медицински под, а сето тоа на вкупна површина од 400 метри квадратни.

За донаторот, целосното реновирање на овој Оддел е одговор на потребите за обезбедување современа и безбедна средина за лекување на пациентите кои имаат потреба од онколошки третман.

„Корпоративната општествена одговорност е на високо место меѓу приоритетите на Макстил. Во тие рамки, соработката со детската клиника трае подолго време. Пред четири години дониравме специјален ехо-апарат, потоа следеше целосно реновирање на одделот за неонатологија и сега, по барање и во договор со клиниката, да го предадеме во употреба и онколошкиот оддел. Колку и да сакаме овој оддел никогаш да не треба да се употреби, реалноста сепак ни кажува дека и најмалите пациенти заболуваат од онколошки болести и оттаму одуката на одборот на директори на Макстил да помогне во реновирањето на овој оддел. Притоа се водевме од желбата на најмалите пациенти да им го овозможиме најдоброто лекување и нега блиску до дома, во современ и функционално уреден оддел, со медицински персонал кој го зборува нивниот јазик и кој полесно може да ги разбере нивните потреби. Истовремено, лекувањето на овие пациенти тука, ќе значи и значајна заштеда на финансиски средства од државниот буџет“, истакна Димитар Цветковски, Претседател на Одборот на директори на Макстил.

Донацијата беше симболично предадена на 7 април по повод Светскиот ден на здравјето и истата беше поддржана и од повеќе соработници на Макстил.

„Водени од идејата за максимална помош со расположливите финансиски средства, промовиравме и еден иновативен модел каде што работите за кои имаме стручни вработени во Макстил беа изведени од страна на истите, под стручен надзор. Освен тоа, во овој проект, самоиницијативно се вклучија и наши добавувачи и деловни партнери од кои некои учествуваа финансиски а други со помош во работна сила или донации на материјали. Со тоа успеавме да постигнеме значаен успех и покрај сите предизвици за време на реализацијата. Макстил останува и понатаму посветен на враќање во заедницата на дел од тоа што заедницата му го овозможува и овој ден е само еден од многуте такви кои ќе следат“, дополни Цветковски.

На претставувањето на највредната донација во здравството досега, беше присутен и премиерот, Димитар Ковачевски.

„Денеска кога се одбележува Светскиот ден на здравјето – 7 Април, сакам да изразам задоволство од изгледот на целосно реновираниот Оддел за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести. Овој модернизиран капацитет значи подобра услуга за пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца. Ова Одделение за онкологија, претставува огромна надеж за победа за сите деца-херои, кои се соочуваат со подмолни малигни болести. Целта е да продолжиме да бидеме дел од трендот кој покажува дека канцерот може да се победи, преку раната детекција, навремената реакција и соодветното лекување”, рече премиерот Ковачевски. Според опремата и капацитетите на одделението, овој Оддел е единствен од ваков тип во земјата, со интенција да прерасне во Регионален центар за лекување на деца со канцер, каде ќе се лекуваат деца од земјава, Косово и Србија. Премиерот Ковачевски изрази благодарност до компанијата „Макстил АД“  која со донација од 250 илјади евра покажа општествена одговорност и лојалност кон заедницата.

„Иницијатива како оваа од Макстил, како деловен субјект да донираат на Клиника што е од суштинско значење за онколошката нега и третман на младите пациенти во државата, е повеќе од општествена одговорност. Зборува за вистинската свесност на една компанија за својата улога и функција во општеството и заедницата. Како покровител на Клиниката за детски болести, вложија материјални и човечки ресурси, време и кредибилитет со цел да обезбедат современи услови за нега и работа. Истовремено, примерот на Макстил уверува и дава надеж во свесноста и моќта на овој сектор да помогнат во јавното здравство, кое и покрај врвните специјалисти и нивната експертиза што ја ставаат во функција на пациентите, болничките капацитети се сè уште предизвик каде сечија помош и интервенција е добредојдена. Ја искажувам мојата благодарност и верувам во уште вакви успешни проекти”, истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.

„Сакам од срце да им се заблагодарам на нашите партнери од Макстил, кои извршија огромна инвестиција, колку материјална, толку и хумана. Нашите мали пациенти, или како што ние обожаваме да ги викнеме херои, ќе имаат многу подобри можности во нивната борба, а моите колешки и колеги од Одделот за онкологија идеални услови за работа, бидејќи колку да се трудиме, колку и да дадеме несебичен придонес, технологијата има огромно  значение. Благодарност и до Владата за се што прави за нашата клиника и за здравството во целина, бидејќи кога јавниот и приватниот сектор дејствуваат заедно резултатите се неизбежни. Апелирам ваквиот пример на Макстил да биде следен и од другите компании, се со цел, Клиниката за детски болести да биде што по опремена и нашите деца да се лекуваат кај нас, а не во соседството“, истакна Софијанова.