Со добар тим претприемачите можат да излезат на интернационални пазари

42

Mакедонскиот претприемач за да излезе на интернационалниот пазар потребно е да го познава пазарот на којшто сака да го пласира својот производ, но и да има тим кој ќе има искуство и од бизнис сферата и од технички аспект.

Од Фондот за иновации и технолошки развој, кој вчера организира конференција за интернационализацијата на старт – ап компаниите, велат дека ова е советот којшто секогаш им го даваат на претприемачите, јавува Миа.

“Кога се формира еден старт – ап тим потребно е да се има балансирано искуства од бизнис сферата и од технички аспект. Ова некогаш, доколку недостасува, може да биде слабост при имплементацијата на решенијата. Доколку само кадарот е технички, тогаш недостасуваат бизнис вештини и тоа може да биде проблем за да се најде соодветен клиент за да се продаде продуктот. Од друга страна доколку имаме само бизнис кадар, а немаме технички експерти, може да има проблем со реализацијата на иновативните решенија“, изјави директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.

Претприемачите, смета Поповска, треба да имаат храброст и визија за тоа што ќе биде нивниот бизнис и да остварат контакти со вистинските луѓе со кои ќе може да го реализираат процесот.

Според Волфганг Книејски од EIT Digital Accelerator, Македонија има претприемачки потенцијал, но потребно е македонските претприемачи да се отворат кон интернационалниот пазар, односно да ги пласираат своите иновативни решенија надвор од државата.

“Од добрата соработка со Фондот за иновации и технолошки развој знаеме дека има потенцијал и импресионирани сме од претприемачкиот дух на македонските граѓани. Сега е време да се отвори тој потенцијал и претприемачите да ги пренесат своите производи на интернационалниот пазар“, истакна Книејски.

Во таа насока е и конференцијата на која присуствуваат претставници од акцелератори од Европа кои ќе им ги пренесат своите искуства на македонските старт – ап компании.

Конференцијата се одржува во рамки на годинашното издание на саемот Технома.