Со инвестициски Самит за Македонија до посилна економија

56

„Македонија 2025“ е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана, САД од страна на угледни членови на македонската дијаспора предводена од г. Мајк Зафировски. Посветена е на позиционирање на земјата како преферирана дестинација за странски директни вложувања, промовирање на транспарентно управување и корпоративни практики и креирање на просперитетна клима за претприемаштво.

„Македонија 2025“ работи на градење на врската што треба да ја подобри соработката помеѓу членовите на дијаспората и македонските компании. Веруваме дека инвестицискиот самит во Охрид ќе биде силна платформа која ќе помогне да се организираат идни настани од ваков вид и да се изградат нови партнерства. Ќе биде потребно време и напори за компаниите да развијат вистинска стратегија за експанзија, а Самитот и „Македонија 2025“ се тука за да помогнат со својата експертиза, искуство и меѓународни контакти.

Глобалниот инвестициски Самит за Македонија 2012 (МГИС 2012) ќе се одржи од 18 до 21 октомври 2012 година под мотото: „Нови можности: Преку бизнис дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“. Над 40 панелисти, истакнати професионалци од сферата на економијата ќе учествуваат на шесте панели насловени како:

•           Глобални економско-политички перспективи

•           Услови за водење бизнис во Македонија

•           Инвестициска клима во Македонија: искуства од постоечките странски директни инвестиции

•           Глобално конкурентни македонски производи и услуги: успешни модели на деловна соработка

•           Финансирање на инвестициите и извозот: од микро-финансирање до капитални финансиски инвестиции

•           Соработка со дијаспората во насока на создавање економски можности.

„Македонија 2025“ идентификуваше неколку конкуретни сектори:

•           Инфраструктура, енергетски и природни ресурси;

•           Информатичко-компјутерски технологии;

•           Производство и индустриски гранки;

•           Агробизнис и преработка на храна;

•           Недвижности, градежништво и туризам и

•           Финансиски услуги.

Заклучоците кои ќе произлезат од Самитот ќе содржат препораки и очекувања од врвните бизнис лидери од Македонија и дијаспората чија цел ќе биде да се поддржат, поттикнат и унапредат напорите за инвестирање во земјата.

На учесниците и посетителите на Самитот ќе им биде понудена можност лично да се сретнат, да разменат искуства и идеи со истакнати имиња од Македонија и дијаспората кои ќе дојдат во Охрид. Учество ќе земат  истакнати имиња од светот на бизнисот, како Сами Елхејџ – главен оперативен директор на Нокиа Сименс Нетворкс, Курт Гајгер – директор на одборот на Рајфајзен Банк Интернешнел, Хубертус Јан ван дер Ваарт – ко-основач на СЕАФ и др.

Владата на Република Македонија даде своја афирмативна поддршка на настанот а учество најави и Претседателот на Владата на Република Македонија, Н.Е. М-р Никола Груевски заедно со целиот владин економски совет, а свое обраќање ќе има и Претседателот на државата, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов.

Освен владините преставници, учество на самитот ќе земе и бизнис секторот  од земјата како и преставници на дипломатскиот кор.

Пред самиот почеток на Самитот, „Македонија 2025“ регистрираше интерес за соработка со македонски производители на прехранбени продукти од страна на компанија од Австралија која успешно пласира македонски производи на тамошниот пазар. Компанија од САД е заинтересирана за заедничко вложување во производствен капацитет за преработка на месо и производство на свежи и замрзнати полуприготвени оброци, а истакнат дистрибутерод САД е заинтересиран за проширување на пласманот на македонски алкохолни пијалоци (пиво и вино).

Целта на Самитот е да ги зајакне и унапреди врските помеѓу глобалната македонска заедница и бизнисите во Македонија како и да ги презентира македонските инвестициски можности пред претставниците на македонската дијаспора и останатите потенцијални инвеститори.

„Сметаме дека „Македонија 2025“  е вистинската организација која што ќе креира платформа за да можат бизнис професионалците од Македонија и дијаспората да се запознаат едни со други, да разменат идеи и на крајот да работат на заеднички проекти. Нашата организација е енергична во пронаоѓањето извонредни претприемачи и професионалци од дијаспората, но исто така бараме силни и посветени домашни бизнисмени кои сакаат да направат нешто повеќе за себе и за својата земја. Овие поединци се свесни за потенцијалите на Македонија и наше мислење е дека стануваат сè поотворени за можноста својата татковина да ја гледаат како потенцијална дестинација за инвестирање“ –истакна Претседателот на организацијата „Македонија 2025“, г. Мајк Зафировски.

На прес конференцијата свое обраќање имаа:

Г. Зоран Мартиновски, член на одборот на директори на организацијата „Македонија 2025“, претседател на МГИС 2012 и раководител на канцеларијата на Меѓународната Финансиска Корпорација (членка на Групацијата Светска Банка) во Македонија

Г. Минчо Јорданов, член на одборот на директори на „Македонија 2025“ и претседател на Бордот на директори на Макстил АД, членка на Дуферко Групацијата.

Г. Живко Мукаетов, член на одборот на директори на „Македонија 2025“, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.