Со какви мерки регионот ја штити економијата?

49

Од исплата на цела плата и покрај запрена работа, до одложување на плаќање на даночни и обврски за кредити, земјите од регионот на различен начин ја помагаат својата економија, пишува српски Блиц.

Македонија

Македонските власти овие денови ги промовираа првите две мерки: едната за давање бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија и другата за субвенционирање на придонеси за вработени од секторите што се погодени. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на својот Facebook профил најави нов пакет економски мерки насочен кон трите најпогодени сектори – угостителство, туризам и транспорт. “Ние сме држава во развој, но подготвени ја пречекуваме оваа криза, следува поместување на плаќањето на кредитите и одлагање на извршувањата од извршителите“, напиша Заев на својот профил.

Хрватска

Хрватското собрание го прифати владиниот пакет мерки во вредност од 3,9 милијарди евра за помош на економијата што е погодена од коронавирусот. Пакетот содржи 63 мерки чија главна цел ќе биде зачувување на работните места и исплата на плати. Со тие мерки ќе им се овозможи на претприемачите и граѓаните да го одложат плаќањето на јавните давачки, како што се даноци на доход и на добивка, како и придонеси.

Се очекува плаќањата да се одложат на три месеци, со продолжение на уште три месеци. Потоа ќе биде овозможена отплата на тие долгови на рати без камата во рок од 24 месеци.

Србија

Властите во Србија донесоа мораториум на отплата на обврските на должниците во рок од 90 дена. Додека трае прогласената вонредна состојба, банките нема да пресметуваат затезна каматна на доспеаните, а неизмирени побарувања и нема да започне постапка за извршување, односно принудна наплата.

Црна Гора

Тамошните власти донесоа сет мерки што предвидуваат одложување на плаќањето на кредити на 90 дена, одложено плаќање на даноци, како и креирање нова кредитна линија за помош на економијата со максимален износ до три милиони евра по корисник. Црногорската влада предвиде и милион евра помош на најзагрозените.

Словенија

Оваа земја одвојува скоро милијарда евра за поддршка на компаниите во оваа земја. Тамошните власти, исто така, се одлучија и за даночни олеснувања, што ќе им овозможи на компании да ги продолжат своите даночни обврски за 24 месеци или да ги извршат плаќањата на месечни рати. Се предвидува и финансирање на платите до 40% за кои ќе регистрираат најмалку 30% пад на нарачките. Тие компании ќе имаат на располагање околу 52 милиони евра.

Фото: Pixabay