Со либерализацијата на пазарот, струјата ќе поевтини

58

Околу 212 македонски компании од 1 април годинава ќе треба да одлучат на која од досега шесте лиценцирани компании ќе ѝ го доверат снабдувањето со електрична енергија. Пред стапувањето во сила на втората фаза од процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија, компаниите треба да изберат снабдувач кој ќе им доставува електрична енергија и да склучат договори за снабдување.

Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап, вели дека една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Енерџи сервисис, како лиценциран трговец со електрична енергија, Македонија треба да има бенефити од процесот на либерализација.

“Општите очекувања се дека зголемената конкуренција ќе донесе пониска цена, но притоа треба да се има предвид и самата специфичност на овој пазар, кој е под големо влијание на меѓународните случувања. На 17 февруари годинава беа донесени правилата од Регулаторната комисија за енергетика и имаше навистина краток рок компаниите да склучат договори за снабдување. Како што е случај во другите земји каде што овој процес е во тек, потребно е да се донесе и период на резервно снабдување во кој потрошувачите ќе имаат можност да се одлучат од кого ќе ја купат активната енергија и балансирањето, бидејќи останатите трошоци се секогаш фиксни и се наплаќаат од страна на ЕВН дистрибуција”, вели Божиновска.

Божиновска нагласува дека е важна и платформата која го регулира купувањето и продавањето на вишоците на електрична енергија, што треба да стапи во сила од 1 април.
“Се сомневаме дека тоа ќе се случи поради што снабдувачите ќе мора да плаќаат пенали за отстапување кон маркет операторот не по своја вина. Дополнителен проблем е и минималната граница еден мегават за снабдување со што снабдувачот што има потрошувач со децимали ќе биде дополнително пенализиран. Во моментов Регулаторната комисија има објавено цени само за еден квартал, што внесува неизвесност во формирањето на финалните цени кон клиентите”, појаснува Божиновска.

Македонија во 2012 година има произведено 5.813 гигават-часови струја, а потрошувачката е на ниво од 8.488 гигават-часови. Во регионот најголеми потрошувачи се Романија, која во 2012 година потроши 54.427 гигават-часови струја, по што следат Грција, Унгарија и Србија. Романија е лидер и во производството на електрична енергија и лани произведе 54.320 гигават-часови електрична енергија. Потоа следат Грција, Бугарија и Србија.
Од 1 јануари следната година либерализацијата почнува да важи и за граѓаните, кои ќе добијат можност самите да изберат од која фирма ќе се снабдуваат со струја.